Божиќна гранка – чоколаден ролат со фил од карамел. Фото и рецепт: ЛуАн. Божиќ е нашиот омилен празник, а божиќната гранка е нашиот задолжителен колач. Пробајте го овој колач и ќе се уверите дека не ве лаже изгледот.




Потребни состојки: 6 јајца, 150 г шеќер, 30 г какао, 30 г брашно, ¼ лажичка прашок за печиво, 1 прстофат сол. За фил: 300 г шеќер, 60 мл вода, 500 мл слатка павлака, 100 мл кисела павлака, 1 ванилин шеќер, прстофат сол.

За чоколаден крем/ганаш: 200 г темно чоколадо, 200 мл слатка павлака. Постапка: Најпрво пригответе го филот, во еден сад ставете го шеќерот да се вари заедно со водата. Не треба да се меша, зошто тогаш се создаваат кристалчиња покрај работ на садот.




Оставете полека да се готви 5-7 минути. Пред крајот шеќерот ќе започне да ја менува бојата, па затоа треба да се внимава зошто секунди се прашање кога од карамел бојата ќе премине во изгорен шеќер.

Значи, штом се карамелизира, веднаш трегнете го од оган и полека додајте ја половината од слатката павлака. Полека мешајте бидејќи на почетокот се создаваат меури.




Кога меурите ќе спласнат, вратете го садот на оган и варете со мешање додека целиот карамелизиран шеќер да се растопи. Тргнете од оган и оставете целосно да излади.

Во изладениот карамел со миксер измешајте ја киселата павлака, солта и ванилин шеќерот. Покријте со фолија и ставете во фрижидер околу 2 часа за добро да излади.




Пригответе ја кората: Додека карамелот се лади, направете ја кората за ролатот: Одвојте ги жолчките од белките, а шеќерот поделете го на половина, а брашното, какаото и солта просејте ги.

Пенасто изматете ги белките, па постепено додавајте половина од шеќерот и матете со миксер додека да добиете цврст снег. Во посебен сад изматете ги жолчките со другата половина од шеќерот, додека да побелат.




Внимателно и полека со шпатула соединете ги белките и жолчките, па на крај додајте ги брашното и какаото. Најголемиот плех од рерна обложете го со хартија за печење, па премачкајте со путер и наросете со какао (брашното остава бела боја). Излејте ја смесата рамномерно и израмнете.




Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 9-10 минути. Кога ќе се испече оставете го неколку минути во плехот, а потоа заедно сосе хартијата префрлете го на решетката за да се олади. Кога ќе се исуши само прекријте го за да не се исушат рабовите, нема потреба од виткање.




За ганаш: Искршете го чоколадото и прелијте го со затоплена слатка павлака (не зовриена!) и мешајте додека да се растопи и соедини. Кога целосно ќе излади изматете со миксер за да стане пенасто.




Кога сè е сварено, испечено и изладено, довршете го филот така што остатокот (другите 350 мл) од слатка павлака ќе го изматите во шлаг, но не до крај, нека остане малку помек. Полека со миксерот додавајте го шлагот во карамелот додека да добиете убав цврст крем.

Со приготвениот фил премачкајте ја изладената кора и свиткајте во ролат. Обвиткајте го во фолија и оставете го во фрижидер да излади околу 2 часа. Потоа извадете го во поголема чинија за сервирање и со помош на шприц нанесете го крем-ганашот и наросете со шеќер во прав.