Поздрав драги пријатели, почитувани домаќинки и домаќини. Многумина од вас сакаат да јадат домашна пита со домашно развлечени кори, но не се осмелуваат да ја приготват, затоа што ова и не е така едноставна работа, бара време и искуство.




Многумина кои сепак се обиделе, се жалат на брашното, на тоа дека корите им се кинат, па така, честопати се случува да се откажат уште на самиот почеток и да си речат дека „ова не е работа за мене, не ме ‘бива‘ за тесто“.




Меѓутоа, тоа не е точно, а сега ќе ви откријам еден многу лесен начин за подготовка, со кој и јас започнав да ги приготвувам питите. Ова навистина е најлесниот начин и нема кому не му успеало од првпат.




А верувајте питите и питичките се толку многу вкусни, што не само што ќе ги воодушевите вашите најмили дома, туку ќе бидете горди на своето дело, па ќе го споделите и со вашите гости, пријатели или колеги…




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г меко брашно Т-500, 20 г свеж квасец (половина коцка), 1,5 мала лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 1 јајце, 2-3 лажици масло и околу 200-250 мл вода. За фил: 500 г ситно сирење, 3 јајца и 1 жолчка за премачкување, а белката додајте ја во филот.




ПОСТАПКА: Во брашното направете вдлабнување, додајте го иситнетиот квасец, шеќер, сол (на страна се додава, не директно во квасецот), 1 цело јајце, 2-3 лажици масло и промешајте. Додајте малку вода на собна температура или млака. Оставете неколку минути да се активира квасецот.




Потоа со постепено додавање на водата замесете тесто со средна цврстина, кое е еластично и не се лепи за рака. Потоа истресете го на малку набрашнета работна површина и добро изработете го. Потоа формирајте валјак и малку намастете го за полесно да го поделите на 6-7 еднакви делови.




Формирајте топчиња и оставајте ги врз намастена површина. Покријте ги со кеса или проѕирна фолија и оставете да ги одморат 10-15-тина минути. За тоа време пригответе го филот, а во овој случај со сирење. Иситнете го и додајте три јајца и една белка.




Површината на работната маса намастете ја со масло или растопен путер. Земете едно парче тесто, малку намастете го одозгора, па со помош на оклагија развлечете правоаголна кора. По потреба премачкувајте ја кората за да не ви се лепи на површината.




Откако ќе ја премачкате целата кора, врз неа рамномерно распоредете од филот, па започнете да ја диплите како плик, како што вообичаено се прави лиснатото тесто, а доколку не знаете, погледнете го видеото подолу на линкот, ќе видите детално како тоа се прави. Нреку секое диплење одозгора кората се премачкува со растопениот путер.




Вака здиплените кори редете ги во плех обложен со хартија за печење. Одозгора премачкјате ги со разматена жолчка и со помош на виљушка направете шари. Рерната загрејте ја на 200 степени и печете ги 15 минути, а потоа намалете на 180 степени и продолжете со печење уште 15 минути. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.

масленица пита на едноставен начин / Валентина Машковиќ
масленица пита на едноставен начин / Валентина Машковиќ