Испробајте го овој рецепт, а кога ќе ги вкусите пиперките ќе се покаете што не сте приготвиле двојна количина. После овој рецепт повеќе нема да купувате зимница, туку ќе си ја правите сами, затоа што е многу едноставна, но со предобар вкус. Рецепт на Вефа:




„Македонците не би биле Македонци ако не умеат да ја приготват пиперката на милион начини. Па така и јас, не знам кој рецепт попрво да го направам, не се знае кој од кој е подобар. Но, едно е сигурно, има за сечиј вкус..




Овој рецепт е токму за оние кои ги сакаат пиперките зачинети со лукче. Оваа зимница од пиперки печени во маринада специјално ја приготвувам за мојот драг сопруг кој вели дека се подобри од оние во ресторан. Инаку, рецептот го имам наследено од мајка ми.“ Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 50 парчиња меснати големи црвени пиперки, 250 мл масло за готвење, 250 мл бел оцет 9%, 1 рака шеќер, 1 рака сол, 2-3 главици лук, 2 китки свеж магдонос, 1 кесичка црн пипер во зрно (бибер).




ПОСТАПКА: Како и кај сите рецепти, пиперките најпрво убаво измијте ги под млаз ладна вода, исцедете ги и пребришете ги со кујнска крпа. Потоа испечете ги на врела плотна од двете страни, исто како кога ги печете за ајвар. Полнете ги во тенџере со капак или во кеси и така оставете ги да се подизладат.




Потоа излупете ги, но нема потреба да ги цепкате или да ги чистите од семето, туку вадете им ги само дршките. Оставете ги цели. Во подлабоко и широко тенџере измешајте масло, оцет, сол и шеќер, па ставете на оган да зоврие.




Кога маринадата ќе зоврие внимателно спуштајте ги пиперките колку малку да се пропржат/проварат во маринадата и да ги впијат вкусовите. Ова мора да се прави на тивок оган, а течноста само да „струи“.




Пиперките не смеете да ги мешате, туку само протресувајте го тенџерето. Максимално траење на оваа постапка е 10 минути. Потоа исчистете го лукот и ситно исечкајте го, па помешајте го со сечканиот магдонос и црниот пипер во зрно.




Кога пиперките малку ќе се подизладат, во чисти тегли редете: ред пиперки, па врз нив лук и магдонос, па повторно пиперки и сè така додека да се исполни теглата. Залијте ја теглата со маринадата.




Вака наполнетите тегли оставете ги отворени преку цела ноќ, а следниот ден дополнете ги со уште малку маринада (ќе забележите дека нивото ќе биде опаднато), да има течност над пиперките. Добро затворете ги и чувајте ги на темно и ладно место. Ако немате вакво место за чување, тогаш најдобро е во маринадата да ставите малку конзерванс. Вефа/Сооlinarika.соm