Сите што се родиле и живееле во минатиот век, знаат милион начини за конзервирање на било која храна, а особено на месото. Порано месото не било секогаш достапно свежо и во секое време, па луѓето на разни начини го складирале без да им се расипе, а да им потрае за цела година.




Овојпат нема да се осврнеме на тогашниот квалитет на месото споредбено со денешниот, но ќе се потсетиме на еден од начините со кои месото може да се конзервира на природен начин и да остане свежо и квалитетно до употребата. Следи рецептот и презентацијата на Тања:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг свинско каре, мешавина од зачини: 2 мали лажички сол, 1/3 мала лажичка мелен црн пипер, 2 мали лажички слатка мелена пиперка во прав, 2 мали лажички сув зеченчуков зачин (вегета), 1 мала лажичка лук во прав/гранули. И уште: 500 г свинска маст




ПОСТАПКА: Исчистеното месо исечете го на парчиња со големина на теглата, а потребните стаклени тегли најдобро е претходно да ги стерилизирате. Може да го сечете и на помали парчиња, но ако ви се потребни цели за соодветна подготовка, нека бидат парчињата поголеми.




Во посебен сад ставете ги сите наведени зачини кои секако, можете да ги додавате или одземате по сопствен вкус. Измешајте ги зачините за да се изедначат рамномерно. Потоа секое парче месо валајте го во мешавината од зачини.




Внимавајте месото да се обложи од сите страни, зашто е дебело и големо, па добро е да има зачини од сите страни кои постепено ќе навлезат и во средишниот дел. Од 1 кг каре добивме три парчиња месо за три тегли, но, истата постапка како што споменавме претходно, може да се употреби и за помали парчиња, а ако користите поголеми, тогаш употребете и соодветно поголеми тегли.




Наполнете ги теглите со месото, а доколку се извалкаат при врвот, избришете ги со чиста салфетка. Одозгора само ставете ги капаците без да ги затворате. На дното од едно широко тенџере поставете двојна памучна крпа, па наредете ги лабаво затворените тегли.




Наполнете го тенџерето со вода во висина до капаците на теглите (1-2 см под нив). Ставете капак и тенџерето ставете го на рингла на умерена температура, а од моментот на зовривање, намалете ја температурата колку водата внатре „да струи“.




Вака месото гответе го следните 3 часа. Потоа, на многу тивок оган растопете 500 г свинска маст. Не смее да се прегрее, ниту да зоврие. Внимателно отворете ги теглите со помош на кујнска маша (врели се!). Прелијте ги со растопена маст, колку да се прекрие месото.

Месото веќе ќе има испуштено сопствени сокови, но маста ќе исплива на површината и кога ќе се олади и стегне, уште долго време ќе го чува месото од расипување. Потоа цврсто затворете ги капаците, поклопете го тенџерето и вратете го на оган уште 20 минути за да се направи пастеризација.

По изминатото време извадете ги теглите, покријте ги со ќебе и оставете ги да се оладат до собна температура. Деталите од презентацијата на Тања можете да ги погледнете ОВДЕ.