Уживање кое се топи во уста – кремаст млечен колач

Фото и рецепт: Александра Шуманова

Рецептот за овој вкусен и кремаст колач ни го претстави нашата драга членка Александра Шуманова во групата НМД рецепти. Колачот е нежен и буквално се топи во уста.

Потребни состојки за кора:

Loading...

5 белки
200 г шеќер
1 ванилин шеќер
100 г мелени ореви
100 г рендано чоколадо
1 прашок за печиво
100 г брашно

За глазура:

50 г путер/маргарин
2 лажици млеко
100 г чоколадо

За фил:

5 жолчки
100 г брашно
2 лажици нишесте/густин
500 мл млеко
200 г шеќер
1 ванилин шеќер
200 г путер
150 г шеќер во прав

Постапка:

Пенасто се матат белките со постепено додавање на шеќерот и ванилата. Се мати додека тој да се растопи и да се добие цврст и сјаен снег. Со лажица се додаваат 100 г мелени ореви, 100 г рендано чоколадо, 1 кесичка прашок за печиво и 100 г брашно.

Смесата се излева во помал плах обложен со хартија или намастен и набрашнет и се пече во загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути. Откако ќе излади се пресекува на две кори.

За фил: Жолчките се матат со виљушка заедно со 100 г брашно, да нема грутчиња, се додаваа и 2 лажици густин и 250 мл млеко. Остатокот од млекото се загрева, па кога ќе зоврие се трга на страна, се меша со приготвената смеса и се враќа на оган уште неколку минути со постојано мешање додека да згусне.

Се трга на страна и се остава покриено целосно да олади. Пенасто се мати путерот со шеќер во прав па се соединува со изладениот крем.
Редење: Кора – ½ фил – кора – ½ фил – глазура.

Фото и рецепт: Александра Шуманова

Loading...