Утре, 09 Октомври се одбележува споменот на најсаканиот Исусов Апостол Свети Јован Богослов, апостол и евангелист.

Апостол Свети Јован е еден од дванаесетте апостоли на Исус Христос и е признат за христијански светец, еден од творците на Евангелието.

Се верува дека на овој ден луѓето кои чуваат стока треба да ја одморат, а жените да не го допираат плетивото, ножиците ниту иглите, за да намаат штета од глувците. Во некои места ги удираат амбарите за да се разбегаат глувците, а во многу краеви токму овие денови ги започнуваат свадбите кои траат и по три дена.

За Свети Јован Богослов се вели дека бил еден од омилените Христови ученици. Единствено само тој и Богомајката останал под Крстот на распнатиот Господ, не напуштајќи Го, ветувајќи дека ќе ја чува Пресвета Богородица и ќе и’ служи се до нејзиното успение…

Апостол Јован е роден во Палестина. Неговите родители се викале татко Зеведеј и мајка Салома. Јован заедно со својот татко и брат биле рибари. Во Евангелието, браќата се нарекуваат Зеведееви по името на нивниот татко. Тој е еден од првите ученици на Јован Крстител. Заедно со Свети Андреј, прв станал апостол на Исус Христос. Заедно со Свети Јаков и Свети Петар, тој е еден од апостолите на кој Исус најмногу им верувал. По воскреснувањето на Исус, тој останал во Ерусалим заедно со Свети Петар, лечејќи го народот од разни болести.

Во Ерусалим се задржал се до смртта на Дева Марија, најмногу поради тоа што и самиот Исус Христос на крстот му ја дал оваа задача да се грижи за неговата мајка. Во 60. година проповедал во Мала Азија, станувајќи бискуп и основач на христијанската црква на овие простори. Доживеал длабока старост, починал на 101 година во времето на цар Трајан.

Според Библијата, кога Јован наполнил повеќе од сто години, наредил на своите ученици да му ископаат гроб во вид на крст. Потоа тој влегол жив во гробот и бил погребан. Кога подоцна неговите верници го отвориле неговиот гроб, не го пронашле телото во гробот.

Неговото евангелие е напишано за прогонувањето на христијаните. Тој во христијанскиот народ се трудел да ја утврди вербата кон Исус Христос. Творец е на “Откровението“.

Негов симбол е орелот. Заштитник е на писателите, издавачите, сликарите, теолозите. Неговото име се чествува на 26 септември /9 октомври. Споменот на овој голем апостол и евангелист се празнува на 26 септември/9 октомври, денот на неговото упокојување, а на 8 мај/21 мај се споменува чудото пројавено на неговиот гроб. Имено, на тој ден од неговиот гроб се шири чудесен и како што верниците наведуваат, лековит прав, кој го земале и со него ги исцелувале своите маки и разни болести. На овој ден се слави во истоимената црква во Охрид – Свети Јован Богослов Канео.

Житие

Син на рибарот Заведеј и на Саломија, ќерка на праведниот Јосиф. Повикан од Господ Исус, Јован веднаш го остави татка си и мрежите рибарски и заедно со својот брат Јаков тргна по Христа. И оттогаш повеќе не се одвојуваше од својот Господ до самиот крај.

Со Петар и Јаков присуствуваше при воскреснувањето на Јаировата ќерка и на Перображението на Господ на Тавор. На Тајната Вечера ја положи главата на градите Исусови. Кога сите други го оставија распнатиот Господ, Јован заедно со Богородица остана под Крстот.

На заповед од Господ тој потоа ѝ беше како син на Пресветата Дева и грижливо Ѝ служеше и Ја чуваше с ѐ до Нејзиното успение. По успението на Пресвета Богородица Свети Јован отиде заедно со својот ученик Прохор да го проповеда Евангелието во Мала Азија.

Најмногу се бавеше и дејствуваше во Ефес. Со својата вдахновена проповед и со своето чудотворство мнозина ги обрати во христијанството и од темел го расколеба незнабоштвото. Огорчени, незнабожците го врзаа и го пратија во Рим кај царот Дометијан.

Пред царот беше мачен и биен, но бидејќи не му наштети ни најлутиот отров што му го дадоа да го испие, ни зовриеното масло во коешто го фрлија, царот се исплаши и сметајќи го за бесмртен го испрати на прогонство на островот Патмос. На тој остров Свети Јован мнозина ги обрати во христијанството со зборови и чуда и добро ја утврди Црквата Божја.

Овде го напиша своето Евангелие и Откровението. Во времето на царот Нерва, којшто им даде слобода на сите заробени, Јован повторно се упати во Ефес, каде што проживеа извесно време утврдувајќи го таму своето порано започнато дело. Имаше над сто години кога се престави кај Господ.

Кога потоа учениците му го отворија гробот, не го најдоа неговото тело, но секоја година на 8 мај од гробот исходеше некој ситен прав, миризлив и лековит. По долгиот многутруден и многуплоден живот на земјата, овој возљубен ученик на Христос и столб на Црквата, се пресели во бесмртната и мирна радост на својот Господ.