Највкусната старинска чоколадна торта со ореви: Десерт со традиција чиј вкус ве маѓепсува

Рецепт и видео прилог на Бокина кујна: Старинска торта со ореви

Рецептот за оваа торта го наследив од мојата баба Љуба (која ја нарекуваше “жолто-црна” торта) и задолжителнно се правеше за сите родендени и прослави. Овој рецепт се пренесува од колено на колено, па доколку сте го изгубиле низ тетратките и тефтерите, запишете си го повторно.

Потребни состојки за жолта кора:

7 јајца
7 лажици шеќер
7 лажици брашно

За црна кора:

7 јајца
7 лажици шеќер
14 лажици мелени ореви
3-4 лажици брашно

за фил:

5 јајца
250 г шеќер (или по вкус)
200 г растопено чоколадо
250 г путер/маргарин

Постапка:

За жолта кора: Јајцата пенасто изматете ги заедно со шеќерот. Матете со миксерот на најголема брзина додека шеќерот да се растопи и да се зголеми волуменот на јајцата. Потоа постепено додадете 7 лажици брашно и продолжете со матење. Добиената смеса излејте ја во плех или тепсија/калап за торти (24 см) обложен со хартија. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, а после 10 минути намалете на 180 степени, вкупно околу половина час. Печената кора извадете ја да се лади на решетка, а кога целосно ќе се излади, пресечете ја хоризонтално на две тенки кори.

За црна кора: Добро изматете 7 јајца со 7 лажици шеќер, исто како и за претходната кора, а потоа со лажица се додаваат 14 лажици мелени ореви и 3-4 лажици брашно. Се меша со лажица или шпатула, а состојките се додаваат постепено. Смесата се излева во истиот калап и се пече во загреана рерна на 180 степени, по 10-тина минути се намалува на 160 степени и вкупно се пече 40 минути. Печената кора изладете ја целосно, па пресечете ја хоризонтално на две тенки кори.

За фил: Ова е класичен рецепт за чоколаден фил кој се вари на пареа. Во кремот по желба може да додадете и еден цврсто сварен пудинг од чоколадо (1 пудинг со 250 мл млеко) за да се добие поголема количина. Изматете ги јајцата заедно со шеќерот со миксер додека убаво да се соединат, па садот ставете го врз друг поголем сад со вода која врие и варете со постојано мешање додека да се згусне.

Во сварениот крем додадете го чоколадото и соединете го. Оставете малку да излади, па изматете го со миксер. Кога целосно ќе се олади, во кремот додадете го путерот (омекнат на собна температура) и продолжете да миксирате додека да добиете убав мазен крем.

Редење: (Секоја кора малку натопете ја со неколку лажици млеко) жолта кора – ¼ фил – црна кора – ¼ фил – жолта кора – ¼ фил – црна кора – остатокот од фил за премачкување на целата торта и ореви за декорација. Деталите можете да ги погледнете во видеото:

Loading...