Црно-бели топчиња или едноставно – мојата верзија на рафаело топчиња – многу едноставни

Фото и рецепт: Бидулини

Црно-белите топчиња се моја модификација на едноставниот рецепт за рафаело бомбиците. Добив идеја да ја поделам основната смеса на два дела, па така добив рафаело плус чоколадни топчиња. Супер комбинација за мене!

Потребни состојки за основна смеса:

2 пудинг од ванила
500 мл млеко
7 лажици шеќер
250 г путер/маргарин
200 г шеќер во прав

за рафаело:

200 г кокос
по желба лешници за внатре

за чоколадни:

Loading...

80 г чоколадо
250 г мелени плазма бисквити

Постапка:

Пудингот сварете го, додадете изматен маргарин со шеќер во прав (јас обично ја намалувам количината на маргарин на 200 г или 150 г, а шеќер во прав најчесто не ставам, или намалете ја количината по ваш вкус).

Смесата поделете ја на два дела, па во едниот дел ставете кокос, правете топчиња, ставете во секое по еден лешник (ако сакате) и валкајте ги во кокос.

Во вториот дел ставете чоколадо да се растопи, а потоа и мелените бисквити (мене ми беа доволни 200 г за во смесата, а во 50 г ги валкав). Месете со рака и одредете ја густината по желба.

Потоа двете смеси оставете ги малку да одморат во фрижидер за убаво да се стегнат.

Обликувајте ги топчињата и по желба валкајте ги во мелени бисквити или кокос. Оставете ги да изладат околу два часа.

Од оваа смеса излегуваат околу 50 топчиња со средна величина. Одлични се за кафе, за да ги однесете некому подарок, како ситни колачи за разни салви и родендени.

Во чоколадните топчиња можете да ставате лешници, ореви, малку цимет… Вие може да ги прилагодувате според вашиот вкус.

Loading...