Православната црква и нејзините верници на 19 декември слават голем христијански празник – Свети Никола. На овој голем ден, на праведникот, чудотворецот, исцелителот, заштитникот на морепловците, децата и рибарите, треба да му се обратиме со овие три молитви:

Молитва прва кон Свети Никола

О, сеславен и сечесен архиереју, голем чудотворче, светителу Христов оче Никола, Божји човеку и верен слуго, сакано создание, избран саду, цврст столбе на Црквата, пресјаен светилнику, ѕвездо која ја огреваш и осветлуваш сета вселена. Ти си праведник, кој израсна како палма посадена во дворот на својот Господ, си живеел во градот Мир, со миро си замирисал и изливаш непресушно миро на Божји благодати.

Со своето патување, пресвети оче, морето го освети, кога многучудотворните твои мошти патуваа во градот Бари, за од исток до запад да го прославуваат името Господово.

О, прекрасен и преславен чудотворче, брз помошнику, усрден заштитнику, предобар пастиру кој своето духовно стадо го спасуваш од разни опасности, тебе те прославуваме и те величаме како надеж на сите Христијани, извор на чуда, покровител на верните, премудар учител, хранител на гладните, радост на расплаканите, облека на голите, лекар на болните, кормилар на морепловците, ослободител на заробените, старател и заштитник на вдовиците и сирачињата, чувар на целомудрието, кроток воспитувач на децата, поткрепа на старците, наставник на испосниците, одмор на работниците, изобилно богатство на бедните и сиромашните.

Услиши не нас, кои ти се молиме и под твојот покрив прибегнуваме; застапи се за нас пред Севишниот и со своите благопријатни молитви измоли ни се што е корисно за спасение на нашите души и тела.

Со твојата помош, зачувај го од секаква опасност ова свето семејство, секој град и село и секоја Христијанска земја, и луѓето што во нив живеат, зашто знаеме, знаеме дека молитвата на праведникот може многу да помогне на добро, а после Преблагословената Дева Марија, ние тебе, праведниот, те имаме како заштитник пред Семилостивиот Бог и кон твоето усрдно застапништво смирено прибегнуваме.

Преблаг оче, ти како буден и добар пастир, зачувај не од сите непријатели, загинувања, земјотреси, од град, глад, поплави, пожари, меч, уништување, напади на туѓинци.

И во сите наши опасности и неволји подавај ни рака на помош и отвори ни ја вратата на Божјата милост, зашто заради многуте наши неправди не сме достојни да ја гледаме небесната висина; оковани со синџирите на гревот, никогаш не ја извршувавме волјата на нашиот Создател, ниту ги одржавме Неговите заповеди.

Затоа ги приклонуваме пред нашиот Творец колената на нашето скрушено и смирено срце и го просиме твоето татковско посредување пред Него. Помогни ни, угоднику Божји, да не загинеме со нашите безаконија; избави не од секакво зло и напаст, упати го нашиот ум и утврди го нашето срце во вистинската вера, за да можеме преку твоето посредување и заштита да останеме неподложени ниту на рани, ниту на опасности, ниту на помор, ниту било каков гнев на нашиот Создател.

И така во мир да го проживееме овдешниот живот, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух, Единиот во Троица славен и обожаван Бог, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Молитва втора

О, Сесвет оче Николае, прекрасен угоднику Господов, наш усрден застапнику и во сите неволји брз помошнику, помогни ми мене грешниот и потиштениот во овој сегашен живот. Помоли го Господа да ми ги прости сите мои гревови кои сум ги направил од младоста своја и во текот на целиот живот, со дела, зборови, мисли и со сите мои сетила, а при исходот на мојата душа, помогни ми мене, јадниот — помоли го Господа, Создателот на сите творенија, да ме избави од воздушните митарства и вечните маки, за да би можел секогаш да го прославувам Отецот и Синот и Светиот Дух, и твоето милостиво посредување, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Молитва трета

О, себлаги оче Никола, пастиру и учителу на сите кои со вера прибегнуваат кон твоето застапништво, и усрдно со молитва те повикуваат, побрзај и избави го Христовото стадо од волците кои го растргнуваат и со своите свети молитви огради ја и сочувај секоја христијанска земја од буни, земјотреси, напади на туѓинци и меѓусебни војни, од глад, поплави, пожар, меч, уништување и изненадна смрт, и како што се смилува над тројцата мажи што беа во темница и ги избави од царевиот гнев и посекувањето со меч, така смилувај се и на мене кој и сам се наоѓам во темнината на гревот со ум, зборови и дела, и избави ме од Божијот гнев и вечната казна, па заради твоето посредување и помош, како и заради Своето милосрдие и помош, да ми подари Христос Бог тивок и безгрешен живот во овој свет, и да ме спаси од стоењето од левата страна, а да ме удостои да стојам од десната страна со сите светии. Амин.

ОБИЧАИ

Овој светител спасувал изгубени бродови, па затоа се смета за спасител на морепловците. Поради тоа морнарите често го повикуваат при опасни ситуации и бродоломи.

На овој датум сите лаѓи, кафе и да се наоѓаат, ги фрлаат своите сидра и до следниот ден мируваат, оддавајќи почит кон овој светител. На овој празник тое застануваат за да му се помолат на светителот, а потоа го продолжуваат патот.

Со своите чудесни моќи свети Никола му помага секому кој ќе му се обрати за помош во болест, немоќ и душевно патење. Со помош на неговите молитви, на слепите им се враќа видот, инвалидите проодуваат, а на глувите им се враќа слухот. Според преданието, токму свети Никола му го вратил видот на слепиот српски крал Стефан Дечански.

Со текот на вековите свети Никола станал еден од најомилените светци и за него се поврзани многу обичаи опстојани од дамнешно време. На овој ден, според традицијата, не се перат алишта, не се чисти куќата и не се работат било какви домашни работи.

Не смее да се мрси на овој ден бидејќи во тек се Божиќните пости. Во некои краишта обичај е да се даруваат малите деца, бидејќи свети Никола е нивниот заштитник.

Затоа, на овој ден дарувајте ги децата, но и другите, сиромашните луѓе, израдувајте ги со било каква ситница. Нив ќе ги направите среќни, а и вам поради тоа ќе ви биде убаво.