Торта без печење и без миксање…се приготвува за пет минути. Колку што едноставно се приготвува, уште повеќе е вкусна, буквално секој залак се топи во уста. Со оваа интересна декорација можете да ја послужите „рамо до рамо“ со оние скапите и комплицирани торти за чија подготовка е потребен еден или два дена.




Запишете си го овој рецепт, ќе го приготвувате многу често. Можете да го правите како торта или како колач доколку смесата ја излевате во правоаголен калап, па дури и во оној за ролати. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г бисквити, 100 г ореви, 50 г какао во прав, 200 мл млеко, 120 г несолен путер, 100 г шеќер, 1/2 кесичка ванилин шеќер, 120 г чоколадо, 100 мл слатка павлака, 40 г бело чоколадо за декорација




ПОСТАПКА: Бисквитите скршете ги со рака на крупни парчиња и ставете ги во еден подлабок сад. Оревите крупно исечкајте ги или ставете ги во блендер но не ги мелете премногу ситно, добро е да се чувствуваат. (Тргнете една рака на страна за декорација). Промешајте.




Во едно тенџере ставете 200 мл млеко, додајте 100 г шеќер и малку ванилин шеќер, па додајте 50 г какао во прав. Промешајте убаво да нема грутчиња, па ставете на умерена температура и загревајте со непрекинато промешаување додека да се растопат состојките.




Додајте го путерот (120 г) исечкан на помали коцки и мешајте додека и тој целосно да се растопи и да се инкорпорира во смесата. Треба да добиете смеса која е слична на чоколадна глазура, само што е поретка.




Вака приготвениот чоколаден прелив излејте го врз кршените бисквити. Внимателно промешајте со лажица или шпатула внимавајќи да останат и цели парчиња од кексите. Ќе забележите дека смесата брзо ќе се згусне и впие во бисквитите.




Излејте ја во претходно подоготвен калап за торти со флексибилен обрач обложен со мазна хартија или фолија. Користете калап со помали димензии доколку сакате повисока торта. Израмнете и оставете 10 минути да се олади.




За тоа време на тивок оган или на пареа ставете да се загрее слатката павлака заедно со чоколадото искршено на коцки. Внимавајте да не ви проврие. Мешајте додека да се изедначи смесата и излејте ја врз тортата. Во средината истурете растопено бело чоколадо, а со чепкалка направете шари во вид на сонце.

Наоколу на страните наросете сечкани ореви. Тортата оставете ја да се олади во фрижидер, најмалку 2 часа пред послужување. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.