Во тефтерот беше запишана како Сплитска торта, па така и јас ја препишав, но секогаш кога говорам за неа, велам „Тортата со ореви и суво овошје”. Вкусна е и едноставна за приготвување, потребни ви се 9 јајца, по 150 грама ореви, суви смокви и грозје, 9 лажици шеќер и малку остро брашно.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 9 белки, 9 лажици шеќер, 150 г ореви, 150 г суви смокви, 150 г суво грозје, 3-4 лажици остро брашно, 1 прстофат сол. За крем: 9 жолчки, 9 лажици, шеќер во прав, 200 г путер, 1 ванилин шеќер и малку рендана кора од портокал. За натопување на кората: малку сок од портокал и малку рум по вкус. И уште: Малку чоколадо за готвење




ПОСТАПКА: Големиот плех од рерната намастете го со неколку капки масло и размачкајте со хартиена салветка или кујнска четка. Обложете го со хартија за печење и притиснете добро за да се залепи мазно. Сувите смокви и оревите исечкајте ги. Додајте остро брашно и добро измешајте.




Белките со прстофат сол изматете ги во цврст снег со помош на електричен миксер, а додека постојано миксате без прекини постепено додавајте една по една лажица шеќер. Миксајте доволно долго додека шеќерот целосно да се растопи и снегот да зацврсти и да стане сјаен.




Во белките малку по малку додавајте го сувото овошје и оревите, па внимателно со лажица или шпатула промешајте за да остане смесата пенлива и воздушеста. Вака добиената смеса рамномерно распоредете ја врз плехот и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 25 минути.




Изгасете ја рерната, отворете ја вратата и оставете кората да се суши внатре уште неколку минути. Потоа извадете и оставете целосно да излади. Изладената кора пресечете ја на три ленти. Претходно измерете да бидат еднакви во ширина зошто ќе ги редите една врз друга.




Дури откако ќе ги пресечете отстранете ја хартијата (многу е полесно кога се помали парчињата). За крем: Жолчките, шеќерот и ванилин шеќерот изматете ги заедно додека да се растворат и да добиете кремаста смеса, па згответе ги на пареа со постојано мешање. Матете додека кремот да згусне.




Добиениот крем од жолчки оставете го настрана да излади, па потоа додајте пенасто изматен путер и малку рендана кора од портокал. Сето тоа заедно убаво измиксајте го за да се соедини и да добие воздушеста структура. Кремот треба да стане нежен и кремаст.




Филување: Измешајте малку рум со сок од портокал, па испрскајте ги сите кори по малку. Потоа секоја кора премачкајте ја со третина од филот и редете ги една врз друга. Целата торта премачкајте ја однадвор, а врвот декорирајте го со рендано или топено чоколадо. Наместо суво грозје може да ставите сува брусница или некое друго суво овошје по ваш вкус.