Автор: Smile / Време за приготвување: 30 минути

Признавам дека не сум многу по пишување на детални рецепти, но овој морав да го споделам со вас, бидејќи се приготвува многу едноставно и брзо, особено ако користите готови розен кори како мене. Идејата за овој колач го добив од самото пакување на корите!

Потребни состојки: 1 пакување готови кори за розен торта, 1,5 литар млеко, 4 пидинг од ванила, 10 лажици шеќер, 250 г маргарин/путер, 250 г шеќер во прав (може и помалку, по вкус) и 1 лимон – рендана кора

За овошен крем: 250 г јагоди, 3 лажици шеќер, 300 мл вода, 1 пудинг од ванила, 1 лимон – сок. Ако колачот не е наменет за деца, совршено одговара ако ставите и 50 мл некој овошен ликер.

За премачкување: 200 мл слатка павлака и 100 мл кисела павлака

Постапка: одземете малку од млекото за да ги промешате пудинзите, а во остатокот ставете го на оган да зоврие со 10 лажици шеќер. Во зовриеното млеко сварете го пудингот со постојано мешање додека да згусне (3-4 минути).

Оставете го да излади со повремено промешување за да не фати коричка. Кога ќе биде млако-ладно, во него измиксајте го путерот со шеќерот во прав и додајте рендана кора од лимон. Првиот крем е готов.

За овошен крем: јас користев јагоди, но може да користите овошје по ваш избор. Исчистете ги јагодите (може и замрзнати), исечете ги на ленти, додајте 3 лажици шеќер, сок од еден лимон и ставете да се готват на тивок оган.

Кога јагодите ќе започнат да го испуштаат сокот и кога целиот шеќер ќе се растопи, земете рачен миксер и измиксајте ги колку да исчезнат оние поголемите парчиња (да не биде баш пире од јагоди).

Во посебен сад измешајте 300 мл вода и еден пудинг од ванила, па оваа смеса додајте ја во јагодите и мешајте неколку минути, па тргнете од оган. И вториот крем е готов.

Филување: Во моето пакување имаше 10 тенки кори. Ако знаете како, направете домашни кои верувам се уште повкусни од купечките.

Филувајте ги така што на секоја трета кора ќе нанесете овошен крем. Значи 3-6-9 се премачкуваат со овошен крем, а сите останати вклучително и последната се филуваат со ванилин кремот.

Оставете го колачот во фрижидер добро да се стегне до следниот ден. Одозгора филувајте со изматена слатка павлака како шлаг во која пред крајот ќе додадете кисела павлака. Тортата украсете ја како што сакате. Уживајте во секој залак кој се топи во уста.

Коментар на Драган Страшеноски:

”Моето искуство во крем е 4 пудинзи на 1 литар млеко. За 1.5 литри би било потребно барем уште 2 пудинзи”

Коментар на Аница Талевска:

”За да не фати кора и да не се меша пудингот додека се лади, јас употребувам најлонска фолија која се става врз тенџерето со пудингот. Потоа оставете го на ладно и на ваков начин нема да фати кора и без мешање. Поздрав до сите обожаватели и тимот на НМД.мк”