На многу брз и едноставен начин направете фантаcтични печива со сусам, кои се приготвуваат во најобични хартиени чаши. Не треба долго месење, ниту валкање на многу садови, едноставно распоредете го тестото во чашите и ставете ги на печење.




Тие сами растат во текот на печењето и добиваат изглед на микрофони, така што со самиот изглед ќе ве развеселат, а со вкусот ќе ве воодушеват. Може да ги пробате со некој фил, како сирење или пица-фил од кечап, кашкавал и шунка, но во секој случај и шупливи излегуваат многу вкусни. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши топла вода (од 200 мл), 1 кесичка сув квасец (10 г), 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол, 5 чаши брашно (додавајте го постепено). ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 1 лажичка брашно, 2 лажици вода, сусам за наросување.




ПОСТАПКА: Подгответе си еден подлабок сад и во него истресете 1 кесичка сув квасец, додајте 1 лажица шеќер и прелијте со 2 чаши мл млака вода. Промешајте за да се растопат сите состојки без грутчиња и оставете на топло место. Потребни се 5-10 минути за да се активира квасецот и да запени.




Во друг подлабок сад измешајте ги сувите состојки. Измерете околу 5 чаши брашно (по потреба се додава и повеќе) и една полна лажичка сол. Промешајте со лажица и во средината направете вдлабнување. Во дупката истурете го активираниот квасец и останатите влажни состојки кои мора да бидат на собна температура.




Сето промешајте го со дрвена или пластична лажица додека да се соединат влажните и сувите состојки во компактно тесто кое ќе забележите дека брзо станува хомогено и се одвојува од ѕидовите на садот. Откога ќе се формира тестото, уште малку измесете го со рака. Тестото треба да биде меко и да не се лепи под прсти, затоа не се меси многу долго, а по потреба се додава брашно.




Оставете го во садот да стасува околу 1 час во топла просторија, покриено со памучна кујнска крпа, кеса или со проѕирна-стреч фолија. На колку потопло место одмора тестото, толку побрзо ќе нарасне. Стасаното тесто кое ја удвоило својата големина истресете го на набрашнета работна површина и уште малку премесете го за да излезе акумулираниот воздух од него.




Поделете го на 10 еднакви делови. Јас тестото го сечам како пица на 8 делови, а потоа во текот на обликувањето вадам уште 2 топчиња. Извадените делови обликувајте ги во топчиња така што малку ќе ги пресекувате од врвот и од четири топчиња ќе извадите уште едно топче, па и од останатите четири ќе го повторите истото, за да добиете вкупно 10 топчиња.




Оставете ги покриени настрана за уште малку да стасуваат. Подгответе си 10 хартиени чаши и секоја премачкајте ја со масло (по препорака од читател) и наросете брашно, па ставете секое топче во една чаша. Топчињата се оставаат да стасуваат во чашите уште 10-15 минути, додека рерната да се загрее на 190 степени.

По ферментирањето, премачкјате ги топчињата со мешавина од вода и брашно и одозгора наросете ги со сусам. Наредете ги чашките во плех или врз решетка и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 190 степени, околу 25-30 минути или додека убаво да заруменат. Деталите погледнете ги ОВДЕ.