Кој не би сакал сега да касне малку од тазе испечена, мека и вкусна погача. Меѓутоа, кога станува збор за погача со кашкавал, тогаш задоволството е уште поголемо.

Дури и почетниците во кујна лесно можат да направат една ваква погача со кашкавал и да ги израдуваат своите најмили. Готовата погача е толку мека, вкусна и многу убава.

За да замесите ваква жолта погача, ќе ви бидат потребни следните состојки: 1 кг и 200 грама брашно, 3 јајца, 4 лажички масло, млака вода по потреба, лажичка шеќер и исто толку сол, еден квасец, 300 грама кашкавал, 1/2 коцка путер (125 г).

Постапка: прво треба да се замеси средно меко тесто. За таа цел ги користиме сите производи, освен една жолчка од јајце (која се користи за премачкување на крај), кашкавалот и путерот. Измешајте ги сите состојки додека да добиете убаво меко тесто.

Оставете го тестото да „одмори“ 30-тина минути за да ферментира и да го зголеми волуменот. Потоа поделете го на четири еднакви топчиња. Секоја топка поделете ја на три. Со помош на оклагија развлечете ги во тенки кори – тие треба да бидат големи колку обична чинија за јадење.

Откако е подготвена првата кора, одозгора намачкајте омекнат путер и наросете малку рендан кашкавал. Ставете ја следната кора врз неа, убаво поврзете ги краевите и повторете го истото со путерот и кашкавалот.

На ред е третата кора. Откако ќе ја ставите и третата кора, притиснете со дланките малку за да развлечете малку, па свиткајте ја во ролат и сечете парчиња. Можете да ја редите во намастен плех или тепсија како „Слоново уво“;

Или како парчиња „полжави“ едно до друго, како „корнети“, или пак да ја свиткате целата како еден голем ролат – во вид на полжав. Изгледот на погачата е според ваш избор. Постапката повторете ја со преостанатото тесто.

Погачата оставете ја да стасува на топло додека да се удвои, а потоа премачкајте ја со жолчка од јајце и ставете малку путер. Печете ја во добро загреана рерна на 200-220 степени, а пред крајот наросете ја со малку кашкавал и допечете ја. / Gotvim.net Прочитајте го рецептот за „Ѓеврек погача“:

ЃЕВРЕК ПОГАЧА со јогурт – би било штета да не пробатe толку вкусна погача. За некои е Слоново уво-прекраснотија!

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно тип 500 (меко), 40 г свеж квасец, 1 јајце, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 50 г маргарин, 250 мл млако млеко и 3 лажици јогурт. ЗА ФИЛ: 120 г маргарин, 1 јајце, 2 парчиња сирење. За премачкување: 1 жолчка, малку масло и сусам

ПОСТАПКА: Замесете го тестото од наведените состојки и оставете го стаса додека да го удвои волуменот. Развлечете со оклагија кора со дебелина од половина прст. Од тестото вадете кругови со чаша како за крофни. Круговите редете ги во длабока тепсија или тенџере во кое печете погачи во рерна.

Редењето е следно: секој круг легнува до половина врз претходниот, а помеѓу веднаш ставате фил. Оставете ја погачата 20-тина минути да стаса и нарасне, премачкајте ја со разматена жолчка, наросете со сусам и печете на 220 степени околу 30 минути. Кога ќе зарумени ставете одозгора фолија за да не изгори.

ФИЛ: маргаринот, јајцето и сирењето соединете ги со виљушка. Можете и друга комбинација да ставите по ваш вкус.