Стомачниот ротавирус се смести во училниците и градинките. Зема се поголем замав, пред се, затоа што лесно се шири – преку заразени предмети, при што најмногу страдаат децата. Докторите апелираат на често миење на рацете со сапун и вода, како и одржување на хигиената на површините во просториите во кои децата го минуваат најголемиот дел од времето.

Ротавирусот го карактеризираат симптомите на мачнина, повраќање, зголемена телесна температура и дијареја. Најчесто се јавува во периодот од ноември до април и тоа кај бебиња и деца на предучилишна возраст, деца од пониските одделенија, како и возрасни, кои се лесно подложни на него. Ротавирусот со себе носи голем ризик од дехидратација.

Симптоми кои најчесто се јавуваат се повраќање и температура над 39 степени, особено во првите два дена од болеста. Потоа ротавирусот предизвикува воденеста дијареја која може да трае од три до осум дена. Таа е придружена со болки и грчеви во стомакот.

Доколку детето има тешка или крвава столица, повраќа често, а ситуацијата не се смирува ни по три часа, потребно е да се побара помош од доктор. Посетата на доктор е неопходна и ако детето е раздразливо, има болки и симптоми на дехидратација, како што се сува уста и оскудно мокрење. Кај бебињата знаците се сува кожа и пелени кои остануваат суви подолго од вообичаено.

КАКО СЕ ПРЕНЕСУВА

Важно е да се знае дека вирусот е присутен во столицата неколку дена пред појавата на првите симптоми, па дури и 10 дена откако ќе престанат. Ако имате ротавирус, или ако го има вашето бебе, а после менување на пелени или после излегување од тоалетот, не сте ги измиле добро рацете, ќе го проширите на се што ќе допрете – храна, играчки и прибор за јадење на кои овој вирус може да се задржи и до две недели. Вирусот се пренесува преку рацете поради лоша хигиена, односно валкани или недоволно измиени раце.

ЛЕКУВАЊЕ

Не постои одреден лек за ротавирусна инфекција, па затоа е важно да не земате антибиотици на своја рака, бидејќи тие нема да помогнат во борбата против вирусот. Инфекцијата поминува во период од три до осум дена, и во тој период на организмот му е потребно доволно течност за да не дехидрира поради честите повраќања и дијареја.

Кога детето почнува да повраќа, на родителите им се советува да не му даваат храна или пијалак во следните два часа. После тоа треба да започнете со мали и чести дози на течности, на пример, лажичка јогурт на секои 10 минути, и ако после тоа не поврати, постепено може да ја зголемувате количината. За бебињата постојат посебни млечни формули кои се препорачуваат како превенција од дехидрација. На возрасните им се советуваат мали голтки вода или бистри сокови, чај од ѓумбир и супа.

Доколку детето има тешка или крвава столица, повраќа често, а ситуацијата не се смирува ни по три часа, потребно е да се побара помош од доктор.

ПРЕПОРАКА: ТЕМЕЛНО МИЕЊЕ НА РАЦЕТЕ

Најдобар „лек“ за ротавирусот е темелно миење на рацете со сапун и вода во траење од 10 секунди. Мијте ги рацете добро: после одење во тоалет, пред приготвување или допирање на храна, пред јадење, после негување на лице заболено од ротавирус, после менување на пелени или валкана постелнина.

Канал 5