Старинските, ситни колачи се едни од највкусните колачиња кои често се нарекуваат „лапни-голтни“. Обично се послужуваат на масичките во дневната соба и служат како декорација, бидејќи имаат долг рок на траење. При секое поминување покрај масичката, секој си каснува по едно или две колачиња, а особено ги сакаат дечињата.




Овие превкусни штангли со ореви и мак се едни од најдобрите колачиња со преубав вкус. Направете ги според рецептот на Рада. Таа вели дека овие колачиња не се печат, туку се сушат во рерна. Направете ги за кратко време, а потоа ќе ги изедете за минута, од што се вкусни. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (бели штангли со ореви): 2 белки, 200 г шеќер, 200 г ореви, 1 лажица свеж, цеден сок од лимон. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (бели штангли со мак): 1 белка, 100 г шеќер, 100 г мак, неколку капки лимонов сок. За повеќе колачиња, соодветно зголемете ги количините на состојките.




ПОСТАПКА (за штанглите со ореви): Во еден подлабок сад ставете ги белките кои претходно треба кратко да отстојат на собна температура, па додајте 200 г шеќер. Започнете да матите со електричен миксер на најголема брзина додека шеќерот да се растопи, а белките да се формираат во цврст снег. Доколку имате миксер за тесто, искористете го него за матење на снегот, за да не ве здоболи раката.




Кога ќе се добие цврста и густа маса, после неколку минути миксање, додајте го лимоновиот сок, отприлика 1 лажица, за снегот од белки уште повеќе да се зацврсти. Измиксајте уште сосем кратко, па издвојте 1/3 од смесата за подоцна, а во преостанатиот, поголем дел измешајте ги мелените ореви со шпатула. Потребно е да се добие густа смеса, слична на бесквасно тесто, која може да ја замесите и малку со раце за подобро да се соедини.




Издвојте половина од смесата и ставете на рамна подлога, наросена со мелени ореви. Префрлете ја смесата која треба да биде цврста како тесто и со дланките натапкајте ја со дебелина од еден прст. Израмнете ги краевите, па пресечете на штангли со големина по ваша желба. Штанглите префрлете ги во плех, обложен со хартија за печење и со помош на готварски шприц филувајте ги штанглите со преостанатиот снег од белки.




Истото повторете го и со втората половина од тестото. Штанглите може да ги правите и на втор начин. Обликувајте го тестото во валјак, па малку притиснете го за да добие правоаголна форма и потоа премачкајте со снегот од белки, па пресечете на штангли. Колачињата правете ги на оној начин кој ви е полесен. Штанглите ставете ги во рерна да се сушат на минимална температура (околу 75 степени) околу половина час.




ПОСТАПКА (за штанглите со мак): Јас од овие колачиња направив сосема мала количина, колку да ви покажам како изгледа процесот, бидејќи домашните не се големи љубители на макот. Изматете ги белките со шеќерот, додајте го лимоновиот сок, а потоа соединете сѐ со макот, кој мора да биде мелен (исто одвојувате 1/3 од снегот настрана).




Доколку колачињата ги подготвувате со мак, додајте само неколку капки лимон. Се замесува во фино тесто, како во првата постапка, се сечат штангли и се филуваат со преостанатиот снег од белки. Исушете ги колачињата на истиот начин. Колку подолго стојат, толку се повкусни. Деталите погледнете ги ОВДЕ.