Од тиквичките може да направите милион видови на јадења. Во нашата архива можете да најдете многу рецепти со тиквички наменети за предјадење, ручек или прилог на главното јадење.

Доколку сакате да направите нешто поздраво, а притоа да не се потрошите многу, не го пропуштајте овој рецепт. Ова е рецепт за вкусни тиквички подготвени во рерна. Крцкави стапчиња кои се многу вкусни и здрави.

Не се пржат во тавче и за нивна подготовка не ви треба ниту капка масло. Стапчињата од тиквички се едноставни за подготовка. Ова е брз рецепт, а подготовката одзема неколку минути.

Ако размислувате што да зготвите од преостанатите тиквички, со овој рецепт нема да згрешите. Вкусна вечера или ручек за целото семејство. Почнав да ги правам речиси секој ден, овие тиквички се подобри и од месните пилешки прсти и крцкавиот помфрит кој се пржи во длабоко масло.

Moже да ги послужите со бел сос како тартар, а во продолжение може да прочитате рецепт за сос со павлака, кој одлично одговара со овие вкусни стапчиња. Дечињата најмногу ги обожаваат, но не се покуси ниту повозрасните. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 тиквици (700 г), 2/3 лажиче сол, 1-2 јајца во зависност од нивната големина, 4 лажици лебни трошки (презла), 1 лажиче лук во прав или во гранули, прстофат црн пипер, 1 лажиче мелена црвена пиперка, 1/2 лажиче оригано, 2 лажици брашно, 70 г тврд кашкавал.

ПОСТАПКА: Двете тиквици нема потреба да се лупат доколку се млади и кората е тенка, но ако кората е задебелена, се препорачува да ги излупите. Исечете ги на двата краеви, кај дршката и на задебелениот крај.

Поделете ги на половина, така што ќе добиете четири мали половини, кои одлично се вклопуваат со големината на стандардните пилешки прсти.

Вака исечените половини потоа се сечат на тенки ленти, со големина по ваша желба. Најдобро е да не се премногу тенки, ниту премногу дебели (погледнете на сликата како се исечени). Пренесете ги тиквичките во подлабок сад, посолете ги со една лажичка сол и оставете да ја испуштат водата, приближно 10-тина минути.

Во меѓувреме, во една чинија ставете 4 лажици лебни трошки, 1 лажиче лук во прав или гранули, прстофат црн пипер, 1 лажиче мелена црвена пиперка и 1/2 лажиче оригано. Измешајте ги сувите состојки. Потоа, изрендајте го кашкавалот на најситната страна од рендето и додајте го во сувите состојки.

Кашкавалот ќе се прилепи за стапчињата и ќе им даде прекрасна арома. Во посебен сад изматете 1 јајце, а доколку ви се потроши при похување, додајте уште едно. Во јајцето може да додадете прстофат сол.

По изминатото време, процедете ги тиквичките од водата, па пренесете ги во подлабок сад (најдобро пластичен) за кој имате соодветен капак.

Прво ставете половина од стапчињата (во зависност од големината на садот), па додајте 1 лажица брашно. Затворете со капакот и набрзина протресете ги тиквиците додека да се „залепат“ со брашното. Истото направете го и со втората половина од тиквичките, доколку сте ги поделиле.

Брашното ќе ги направи покрцкави. Потоа, секоја тиквичка спуштајте ја во разматеното јајце, па кога ќе се натопи пренесете ја во смесата од кашкавал и сувите состојки. Со помош на две виљушки редете ги стапчињата во плех, обложен со хартија за печење на мало растојание.

На овој начин се подготвуваат сите тиквички. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени, па печете ги тиквичките приближно 25 минути, додека да станат крцкави. Може да ги печете со вклучен еден грејач.

Предлог сос – потребни состојки: 4 лажици кисела павлака, ситно сечкан копар и 1 чешне лук. ПОСТАПКА: Измешајте ги состојките, а лукчето поминете го низ преса. Послужете ги тиквичките со овој сос. Деталите од целата постапка може да ги погледнете ОВДЕ.