Србија: најдени докази за кражба на бебиња – се бараат родителите на маж роден на 3 март 1981 година

-Тукушто роденото бебе се прогласувало за починато: пронајдени се први докази за кражба на бебиња од српската гинекологија.

„Две матични служби потврдиле дека жената со наведени генералии, ниту под моминско, ниту под брачно презиме, не постои и никогаш не постоела! Владината Комисија за истражување на случаи со исчезнати бебиња и Здружението „За вистина и правда за бебињата“ наидоа на првото дете, за кое, како што открива Радиша Павловиќ, член на Комисијата и претседател на Здружението, постојат конкретни докази дека бебето било украдено. Станува збор за маж кој своевремено бил посвоен.

-Посвоениот ми се обрати мене за помош и на заменичката на Здружението, Миланка Момчиловиќ, да му помогнеме да дознае кои му се родителите. Кога ја започнавме истрагата, сфативме дека жената која се води како негова мајка низ комплетната документација, од породилниот протокол, преку првиот упис во матичната служба до посвојувањето – не постои!

Двете матични служби потврдија дека таа жена со тие генералии, ниту под моминско ниту под брачно презиме ја нема, не постои и никогаш не постоела! – вели Павловиќ.

Дека и таткото е непостоечки станало јасно од двете пријави на раѓањето. Во првата се наведува и името на таткото, а во втората го нема. Ја нема ни брачната состојба на жената која е наводна мајка, а непостоечката мајка во посебен документ се одрекува од детето и го дава на посвојување.

Пораѓајот се случил на 3 март 1981 година во Општата болница во Крушевац. Павловиќ вели дека е јасно дека некој морал детето да го пријави за мртво, како би дошол до бебе за посвојување, а тогаш се измислени мајката и сите нејзини податоци, и формално е „направено“ посвојувањето.

Нашиот соговорник затоа ги повикува сите жени кои на тој датум се породиле во крушевачката болница, а им било кажано дека детето им е починато, да се јават во Здружението и Владината комисија. Со тоа многу ќе им се олесни потрагата на надлежните служби.

Бидејќи во податоците стои дека непостоечката мајка е од едно село во близина на Алексинац, Радиша Павловиќ и Миланка Момчиловиќ направиле повеќе разговори во алексинечкиот центар за социјална работа. Таму се обиделе да дојдат до некои одговори, но одговори немало.

-Ќе поднесеме кривични пријави против одговорните во болница во тоа време за да дознаеме кој лекар работел тогаш, која бабица, кој персонал бил во спмена. Засега целта не ни е само да ги пронајдеме виновниците, а јасно е дека во овој случај повеќе луѓе биле поврзани, туку и да ги пронајдеме биолошките родители на ова момче. За целиот случај се известени полицијата и Обвинителството – вели Радиша Павловиќ.

Loading...