Запечениот грав со ребра е едно од омилените јадења на моето семејство во било кое годишно време. Воопшто не ни пречи гравот и сред лето и со голема сласт го јадеме!

Потребни состојки: 600 г грав, 3 главици кромид, 600 г димени ребра, 1 лажица сув зачин, 100 мл масло, 2 лажици црвен мелен пипер, 1 лажичка сол

Постапка: Гравот потопете го во ладна вода и оставете го преку цела ноќ. Наутро процедете го, налијте повторно вода да биде прелиен гравот и ставете на оган да проврие. Оставете 5 минути да врие, па повторно процедете. Налијте повторно вода да биде прелиен гравот и гответе додека да омекне со повремено додавање на малку врела вода, по потреба. Пред крај зачинете.

Кога е речиси варен, тргнете го од оган. Во друг сад исечкајте кромид на парчиња, додадете сол, масло и малку вода (половина чаша) и продинстајте го. Намалете го огнот кога водата ќе испари, додадете црвен пипер и уште малку пропржете го кромидот на послаб оган.

Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Процедете го гравот но сочувајте ја водата во која се варел. На гравот додадете му го кромидот и една чаша од течноста во која се варел, па внимателно промешајте. Доколку во гравот нема многу вишок вода, тогаш не го процедувајте.

Гравот истурете го во огноотпорен сад, но внимавајте да не е преполнето, за да има простор гравот полека да врие. Во него набоцкајте ги исечените димени ребра и ставете да се пече барем уште околу еден час. Запечениот грав послужете го кога малку ќе подизлади со салата.

запечен грав со ребра