Рецепт на Даниела од „Лесно е да се готви” – ЛАВА КОЛАЧ. Неодолив чоколаден вулкан за кој велат дека поубав колач не постои. Со него нема грешка, бидејќи едноставно е совршен и брзо се приготвува. Идеален е за ненајавени гости, бидејќи можете да го послужите директно од рерна.

Многу е вкусен, сличен како колачот “топло-ладно” кој се послужува со сладолед. Доколку имате сладолед од ванила, послужете го заедно со овој колач, а сите ќе ви бараат репете. Не може да го промашите рецептот, бидејќи само се редат состојките и се пече.

Потребни состојки за калап од 12 мафини: 240 г темно чоколадо со што поголем процент на какао. Најдобро е да користите некое поквалитетно чоколадо, бидејќи вкусот доминира од оваа состојка.

Количината на чоколадото може да варира од 200, 220 или 240 г, зависи колку имате. Потоа, 250 г путер или маргарин, прстофат сол, 160 г шеќер, 100 г остро брашно (тип 400), 4 јајца. За дополнителна арома можете да ставите малку рум, цимет, ванила или инстант кафе.

Постапка: Најпрво искршете го темното чоколадо на помали парчиња и ставете го во тенџере. Додајте и 250 г путер или маргарин, исто така исечен на помали парчиња. Одвојте едно помало парче путер и со него обилно и добро намастете го калапот за 12 мафини.

Откако ќе го намастите калапот, потоа наросете го со брашно и истресете го вишокот. Ова е важно да се направи за полесно да се вадат лава-мафините откако ќе се испечат и да не се залепат. Тенџерето со чоколадо и путер ставете го на рингла и загрејте го на тивок оган.

Кога ќе се загрее, мешајте постојано додека да се растопат чоколадото и путерот, а потоа и да се соединат во течна чоколадна глазура. Растопеното чоколадо тргнете го на страна додека малку да подизлади. Четири јајца извадете од фрижидер да отстојат малку на собна температура.

Потоа скршете ги во подлабок сад, додајте прстофат сол и пенасто изматете ги со жица-маталка без употреба на електричен миксер. Додека матите постепено додајте 160 г кристал шеќер. Нема потреба од предолго матење на јајцата, доволно е додека шеќерот да се растопи.

Во изматените јајца започнете постепено да го додавате подизладеното растопено чоколадо, во тенок млаз, додека постојано матите со маталката. На крај останува да се додаде 100 г острото брашно, претходно просеано низ сито.

За да не се создаваат грутки во тестото, брашното е најдобро да го додавате постепено додека матите со маталката. За да се збогати вкусот на овој колач, во изедначеното тесто можете да додадете малку арома на рум, ванила, цимет или инстант кафе по желба.

Чоколадото брзо почнува да се стврднува, па затоа е потребно што поскоро да се излее во калапите. Полнете ги калапите/модлите со тестото со помош на лажица, до врвот, бидејќи оваа смеса не нараснува премногу.

Во претходно загреана рерна на 230 степени, ставете ги да се печат колачите, а во зависност од рерната, доволни се само 7-10 минути за да се испечат убаво. Потребно е само да фати кора од надворешната страна, а внатре да останат сочни со течен крем. Повремено проверувајте ги колачите при печењето.

Кога ќе започне на врвот да се формира коричка и ќе почне да пука, тогаш мафините се готови и извадете ги од рерна. Лава колачот извадете го од калапите и послужете го со топка сладолед или наросете го со шеќер во прав.

Легендата вели дека францускиот готвач и шеф на кујната Жан Жорж прерано го извадил од рерна чоколадниот бисквит, а резултатот ги воодушевил сите што го пробале. Целата постапка погледнете ја во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска