Кадаиф е традиционален десерт кој редовно се приготвува за сите поважни празници, но и во текот на целата година. Се состои од тенки лентички од печено тесто со јајца слично на тестенините за супа, само што овие се подолги и свиткани.

Постојат посебни машини за кадаиф и обично се продава по половина килограм. Денес може да се купи и готов печен кадаиф кој треба само да се прелие со шербет, но сепак, не може да се спореди со домашно приготвениот, нити по вкус, ниту по текстура. Еве што ви е потребно за вистински домашен кадаиф:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за сируп: 600 г шеќер, 700 мл вода. И УШТЕ: 400 г кадаиф, 200 г растопен несолен путер, 400 г мелени ореви, 1 супена лажица цимет во прав, 2 кутлачи од сварениот сируп.

ПОСТАПКА: најпрво пригответе го сирупот за да има време да се олади. Во тенџере сипете 600 г шеќер и прелијте го со 700 мл вода. Ставете го тенџерето на оган, па од моментот кога ќе зоврие, варете го сирупот уште 10 минути на умерена температура, а потоа оставете го да се олади.

Кадаифот истурете го во плехот, па со рацете иситнете го и рамномерно распоредете го. Путерот растопете го во микробранова печка или на многу тивок оган, а потоа со кутлача залијте го кадаифот насекаде подеднакво.

Дополнително со рацете измешајте го за убаво да се измеша кадаифот со путерот. Потоа натапкајте го со дланките и одокативно поделете го на половина. Едната половина извадете ја и сочувајте ја за подоцна, а остатокот распоредете го врз површината на плехот и натапкајте го со рацете.

Мелените ореви сипете ги во подлабок сад и помешајте ги со една супена лажица цимет во прав, а потоа залијте ги со две супени лажици од претходно сварениот сируп. промешајте добро за да се изедначат состојките и да добиете смеса како влажни трошки.

Целиот фил од ореви рамномерно распоредете го врз кадаифот. Нежно натапкајте со дланката одозгора за да се прилепи врз „кората“ од кадаиф. Одозгора рамномерно распоредете ја втората половина од кадаифот и повторно добро натапкајте.

Исечете го колачот на коцки со големина по ваша желба и ставете да се пече 40-тина минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Печениот кадаиф залијте го со оладениот сируп и оставете целосно да се олади. Деталите погледнете ги во видеопрезентацијата ОВДЕ.