Кој ги пробал пиперките во павлака, знае колку се вкусни и сочни. Обично се подготвуваат во зимскиот период и се складираат во повеќе тегли за зимница, но нема да згрешите доколку ги подготвите и сега. Пиперките кај нас може да се најдат во секое време, па направете си го овој вкусен специјалитет од едноставни состојки.

Во рецептот се користат жолти пиперки – сомборки, но кој сака може да стави и бабури (во зима најчесто се подготвува со бабури). Пиперките може да бидат лути или благи, во зависност како ги преферирате. Подгответе си и чисти тегли каде што ќе ги складирате пиперките.

Доколку ги подготвувате за зима, направете поголема количина, а во текот на летото може да правите по тегла или две, колку да имате за ручекот како прилог или предјадење. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг пиперки, сол. За полнење може да користите само павлака или комбинација со сирење во количина од 850 г павлака 21%, 900 г свежо сирење, 1 лажичка сол.

ПОСТАПКА: Пиперките измијте ги, исчистете ги од семето и пресечете ги на врвот каде што е дршката, така што ќе се отворат и ќе се гледа вдлабнатина на средина. Потоа во секоја пиперка ставете по половина до 1 лажичка сол, па рамномерно распоредете по целата внатрешност.

Оставете ги пиперките со отворот кон горе да отстојат преку ноќ. Наредете ги во сад и покријте ги со крпа. За ова време пиперките ќе ја испуштат течноста. Следниот ден исцедете ги од течноста која ја пуштиле, па оставете ги да се исушат.

Потоа полнете ги со филот од павлака. Кој сака може да стави и сирење, да го издроби. Соединете сѐ во еднолична смеса. Посолете по вкус, но претходно дегустирајте во случај сирењето да е многу солено. Оние кои не ставаат сирење, нека стават 3 лажички сол.

Подгответе си чисти тегли и на дното од секоја тегла ставете слој павлака, па редете ги полнетите пиперки, тесно една до друга. Малку притиснете ги, па премачкајте со нов слој павлака. Пиперките редете ги легнати, но не притискајте ги премногу.

Повторете ја постапката додека имате пиперки и додека теглата да се наполни до врв. Одозгора премачкајте со павлака, целосно да бидат прекриени пиперките. Садот добро затворете го со фолија, па со соодветниот капак. Вака подготвените пиперки се чуваат во фрижидер.

Од овој рецепт излегуваат 3 полни тегли. Овие пиперки не се конзервираат и можат да се послужат веднаш како предјадење или прилог на главното јадење. Одлично одговараат со сите видови месо и компир. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.