Овој ролат брзо се приготвува, постапката е едноставна, а со вкусот ќе во воодушеви.

Потребни состојки: 4 јајца, 4 лажици јогурт, 2 лажици брашно, 3 лажици пченкарно брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 3 лажици масло, 2 помали тиквички вкупно 500 г, 1 лажичка сол, ½ лажичка оригано, по желба и ќе ви биде потребен плех со димензии приближно 33х33 см

За фил: 200 г неутрално сирење или сирен намаз, малку свеж магдонос, по желба и 100 г сувомеснато по ваш избор

Постапка: Во еден сад изматете четири јајца со жица за матење. Додадете 4 лажици јогурт (или кисело млеко), 2 лажици бело брашно, 3 лажици пченкарно брашно и 1 лажичка прашок за печиво. На крај додадете 3 лажици масло и убаво промешајте за да се соединат состојките. Садот тргнете го на страна да одмори, а за тоа време пригответе ги тиквичките.

Ако се млади и органски тогаш не мора да ги лупите тиквичките, во спротивно излупете ги и изрендајте ги. Двете тиквички заедно треба да тежат приближно половина килограм.

Ренданите тиквички додадете ги во смесата со изматените јајца. Измешајте убаво за да се соедини смесата, па зачинете со 1 лажичка сол и малку оригано по желба. Треба да добиете смеса која не е премногу густа, ниту течна (види видео).

Плех со димензија 33х33 см малку намастете го и обложете го со хартија за печење, па во него рамномерно распоредете ја смесата. Може да користите и поголем плех, но тогаш ќе добиете потенка кора.

Ставете да се пече во загреана рерна на 220 степени, 15 минути. Печената и врела кора префрлете ја врз влажна крпа, свиткајте ролат и оставете го така 5 минути, додека го приготвите филот.

За фил: Измешајте 200 г неутрално сирење или сирен намаз, додадете малку сечкан свеж магдонос по желба и соединете. Премачкајте ја кората врз цела површина (може да се нанесе филот додека кората е млака), одозгора наредете сечкани ленти шунка или сувомеснато по ваш избор.

Свиткајте го ролатот и можете веднаш да го послужите или да го оставите во фрижидер малку да се стегне (полесно се сече). Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: