Оваа плетенка може ви се чини како малку неуредна, бидејќи нема правилна структура на плетенка, но има толку фантастично добар вкус, што ќе ве потсети на млечниот сладок леб- милиброд. За разлика од милибродот кој е потврд и пополн, оваа плетенка е баш сочна.

Тестото е малку помеко и богато е со фил, па поради тоа излегува мека како душа, сочна и превкусна. Повеќе личи на колач отколку на киснато тесто.

Потребни состојки: 100 мл млеко, 1 лажица шеќер, 5 г квасец или 20 г свеж, 50 г маргарин, 150 мл вода, 1 лажичка сол, 500 г брашно и 2 лажици масло. За фил: 200 г мелени ореви, 200 г кристал шеќер или по вкус, 100 г суво грозје и 100 мл млеко

Постапка: измешајте ги мелените ореви и шеќерот, а млекото ставете го да проврие. Во млекото веднаш ставете го сувото грозје. Оревите прелијте ги со врелото млеко и сувото грозје, па промешајте да изедначи. Тргнете на страна да излади.

За тесто: Во млако млеко ставете квасец и шеќер, промешајте па оставете 10-тина минути да се активира. Во друг сад ставете брашно, околу 300 г, па додадете 50 г растопен и подизладен маргарин, вода и сол, па промешајте. Додадете го активираниот квасец, па убаво промешајте со лажица. Постепено додадете го остатокот од брашното, па замесете меко тесто.

Тестото прелијте го со малку масло и оставете го покриено да стасува околу еден час додека да се удвои. Потоа премесете го на набрашнета работна површина, па развлечете го во правоалголна кора (40х40 см или приближно).

Врз целата површина рамномерно нанесете го филот од ореви, па свиткајте во ролат. По 1,5 – 2 см од едниот крај оставете, а по цела должина ролатот пресечете го за да добиете две ленти. Потоа исплете ги спирално како плетено јаже, но лабаво. Провлекувајте го едниот крај под другиот.

Вака приготвената плетенка префрлете ја во плех обложен со хартија за печење (или плетенката исплетете ја врз хартијата, па пренесете ја).

Оставете ја да стасува околу 20 минути, па вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Печете ја 15 минути, па одозгора ставете хартија за да не изгори, па допечете ја уште 15 минути. Доколку имате трпение, оставете да излади па послужете ја.

Domacinskirecepti.com