Зимницата која со години вака ја правам се одржува свежа и подолго од една година, а кога ќе ја отворам теглата пиперките и натаму остануваат крцкави. Уште еднаш со вас го споделувам еден од омилените рецепти, токму поради едноставноста, брзината но и вкусот. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг пиперки, црн пипер во зрно, 6 чешниња лук, ловоров лист, 1 чајна лажичка шеќер по тегла, 2 чајни лажички сол по тегла, 4 супени лажици бел алкоxолен оцет 9% по тегла, врела вода

ПОСТАПКА: Измијте ги убаво пиперките со ладна вода, отстранете ги дршките и семето и исечете ги на филети (долги ленти со широчина од приближно 2-3 см или по желба).

Ако случајно забележите дека на некои места пиперката има темни дамки или оштетување, задолжително отстранете ги тие делови. Ако оставите ваков оштетен дел може да се случи да ја расипе целата зимница.

За 1 килограм пиперки ќе ви бидат потребни приближно три стаклени тегли кои е потребно претходно да ги стерилизирате. Наполнете ги теглите со пиперки, па во секоја ставете лукче и црн пипер во зрно (1-2 прстофати).

Во секоја тегла ставете и по еден лист ловоров лист, една мала лажичка шеќер и две лажички сол. Потоа сипете по четири супени лажици бел оцет за јадење 9%, па дополнете со врела вода до врв, за да бидат прекриени пиперките.

За да не се случи стаклото да се скрши, теглите не смеат да бидат ладни. Поставете ги врз крпа или дрвена даска, па додајте малку од врелата вода колку да се загрее теглата, па дури тогаш исполнете ја целата.

Затворете ги веднаш со чисти и стерилизирани капаци. Со помош на крпа или кујнски ракавици земете ја секоја тегла и добро протресете ја за да се растворат солта и шеќерот, но и да се помешаат состојките.

Превртете ги теглите со капаците надолу, покријте ги и оставете ги вака постепено да се ладат. На овој начин ќе се создаде вакуум и ќе се спречи расипување. Вака приготвените тегли, откако ќе се оладат чувајте ги на темно и ладно место.

Откако ќе отворите тегла, ако не ја изедете целата содрѓина веднаш, она што ќе ви остане чувајте го во фрижидер. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеопрезентацијата ОВДЕ.