Ќе ви претставиме два начини за приготвување на ова слатко, многу се слични приготвувањата. Слатко од тиква, рецепт и фотографија на Лилјана Илиева.

Потребни состојки: 1 кг исчистена и исечена тиква, 1,4 кг шеќер, 3 литри вода и варова вода колку да биде покриена тиквата додека отстојува

Постапка: Тиквата се чисти и се сече на малку подебели парчиња во форма која сакате, со обичен нож, ребраст или со посебна лажица правете топчиња. Вака исечената тиква ставете ја во варова вода да отстои најмалку 3 часа или додека да станат парчињата доволно тврди (ова зависи од јачината на варовата вода). Потоа добро исплакнете ги.

Во големо тенџере ставете шеќер и вода, па кога ќе зоврие не чекајте да се направи сируп, туку ставете ја тиквата да се вари. Додека се вари тиквата цело време прскајте ја со ладна вода за подобро да се свари, а потоа оставете да се направи шербет. Тргнете на страна, покријте со влажна крпа, оставете да излади, па собирајте во тегли. Теглите мора да бидат залиени со шербет, инаку тиквата ќе се исуши.

Напомена: Јас направив слатко од 2 кг тиква, ги залив со шеќер и при варењето на самата тиква прскав и додадов уште околу еден литар вода. При крајот можее да додадете лимонтус за да не ви се зашеќери. Јас не ставив зошто добро надгледував за да не ми се превари шербетот.

Должината на варењето на тиквата зависи од видот на тиквата која ќе ја користите. Може да додадете и листови од слаткарче, ореви или друго јаткасто овошје.

Слатко од тиква, рецепт и фотографија на Лилјана Илиева

II РЕЦЕПТ – Слатко од тиква –  Фото и рецепт на Лика Трајкова

Потребни состојки: 1 кг исчистена тиква, 1,3 кг шеќер, вода неколку чаши колку да се залие тиквата, варова вода, 1 винобран, 1 лимонтус, ладна вода за прскање во текот на готвењето

Постапка: Тиквата се чисти и се сече, па се остава цела вечер во варова вода за стврдне. Потоа се мие и се остава еден час во винобран.

Се вари шербетот околу 30 минути, па се става тиквата. За време на варењето, тиквата се прска со ладна вода за да навлезе шербетот во неа, да не е сува и за да сјае (лска). Се вари до потребната густина и се става 1 лимонтус и слаткарче (месќембре). Јас ставив јатки од ореви, а во другата половина потпечен сусам.

Слатко од тиква, Фотографии и рецепт на Лика Трајкова