Секој плод е стаклесто проѕирен и надополнет со листот од миризливото слаткарче, па можете да си го замислите вкусот. Во сливите може да се додава и јатка бадем или парче јатка од орев, но тоа секако, по вкус. Кај мене дома само што го направив, уште не беше речиси оладено, кога помини-замини си „лапнувавме“ по некое и полека целото го изедовме за еден ден.




Сега започнав со подготовка на нова тура за да имам во залиха за назимо, но овојпат ќе го скријам од домашните. Сливите можете да ги приготвите во варова вода, но и во раствор со сода бикарбона, па како ви е полесно така правете. Јас ги имам испробано и двата начини, нема разлика. Можете да направите слатко од цели сливи, или пак од сечкани. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за цели плодови): 1 кг сливи, 1 кг 250 г шеќер, 2 лимони, ванила, ореви по потреба. Постапка: сливите треба да бидат зрели, но не презрели. Измијте ги добро и со остро ноже излупете ги.

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за сечкани): 1 кг сливи, 1 кг шеќер, 1 лимон, 1 стапче ванила или екстракт, 1 лажица рум – не мора и 150 г сечкани ореви




ПОСТАПКА (рецепт 1): Со дрвце или друга направа извадете им ги семките и ставете ги во варова вода (прочитај подолу како се приготвува раствор со сода бикарбона)* да отстојат околу половина час (треба да бидат прекриени со варовата вода, па по потреба додајте уште вода).




Потоа сливите добро измијте ги секоја посебно и ставете ги во цедалка добро да се исцедат. Потоа во секоја слива ставете четвртинка јатка од орев (или бадем).

На оган ставете го шеќерот со околу една чаша вода да зоврие, додајте стапче ванила (искршено на парчиња или пак ставете ванилин шеќер или екстракт за вкус), а некаде на половина од готвењето додајте два лимони исечени на тркалца.




Додека се вари слаткото не се меша туку повремено се протресува тенџерето. Вареното слатко се покрива со влажна крпа, а следниот ден се собира во чисти стаклени тегли. Се чува на ладно и темно место. На еден килограм сливи се става 1,25 кг шеќер.




*Варова вода се добива така што 250 г вар се меша со 2 литри вода. Потоа се додава уште 2 литри вода. Се остава некое време да се спушти талогот на дно. Бистрата вода која останува полека се одлива и тоа е варова вода.




Сода бикарбона растворена во вода, може донекаде да ја замени варовата вода. За потопување на 1 кг сливи на пример, потребни се 1 литар вода и 10 г сода бикарбона. Доколку правите слатко од сечкана слива, еве ја постапката:




Сливите излупете ги и преполовете ги, а оревите ситно исечкајте ги. Шеќерот сварете го со една чаша вода. Кога шеќерот ќе се растопи додајте ги сливите и варете ги околу 20 минути на тивок оган. Внимателно мешајте и тргајте ја пената од врвот.




После 20 минути додајте ги оревите, лимонот исечкан на тркалца, ванилата и румот. Варете го слаткото уште 15 минути. Кога е варено прекријте го со влажна крпа и оставете го да се лади преку ноќ. Следниот ден складирајте го во тегли и се чува на ладно и темно место. / Сoolinarika.сom