Многу брзо и многу вкусно слатко од јаболка, пригответе си барем мала количина за да го пробате и да се засладите со кафето. Потребни состојки: 1 кг јаболка, 900 г шеќер, 200 мл вода, 1 ванилин шеќер, 1/3 лажичка лимонтус и 100 г ореви по желба може и повеќе.

Постапка: Одберете убави, здрави јаболка, по можност да бидат тврди, зелени, да не се ајдарет или делишес бидејќи тие брзо се распаѓаат. Ставете шеќер и вода да зовријат, како шербет. За тоа време јаболката излупете ги, исчистете ги, пресечете ги на четвртинки.

Четвртинките може да ги пресечите на плочки со дебелина од околу 4-5 мм. Кога шербетот ќе започне да врие, ставете ги внатре јаболката и оревите, затресете го тенџерето и оставете да се готви 10 минути. Пред самиот крај ставете ванилин шеќер и лимонтос.

Готово е. Покријте со кујнска крпа и оставете така 10 – тина часови. После тоа складирајте во теглички. Ова слатко можете да го приготвувате преку целата година, а по вкус во него може да додавате ореви, лешници, бадеми, суво грозје, стапчиња цимет или ванила и да го прилагодите според сопствениот вкус.