Слатко од дуњи со ореви – прекрасен мирис и вкус

Може да ги сечите дуњите на коцки, во неправилни форми, да ги рендате…како и да ги направите, излегува превкусно слатко. Во продолжение имате неколку рецепти.

РЕЦЕПТ 1

Потребни состојки:

2,8 кг (7 парчиња), 1,4 кг исчистени
1,4 кг шеќер
400 мл вода
4-5 тркалца лимон

Постапка:

Дуњите ги мерев пред и после чистењето. Имав 7 плодови и беа тешки околу 2,8 кг. Кога ги исчистив и ги измерив, имаше 1,4 кг коцкички спремни за готвење.

Дуњите се мијат и добро се тријат со сунѓер за да излезе од нив цела нечистотија. Потоа се ставаат во поголемо тенџере, се полеваат со ладна вода и се ставаат на рингла за да проврие водата.

Штом водата заврие, дуњите се вадат со решеткаста лажица и веднаш се прелеваат со ладна вода. После неколку минути, уште додека се така топли, се лупат и се чистат од непотребните делови. Со овој процес топло-ладно се олеснува постапката.

Потоа дуњите се сечат на коцкички или се рендаат, кој како сака. Дури сега се ставаат повторно на вага да се измерат. По правило, колку дуњи – толку шеќер. Се става шеќерот во поголемо тенџере и се прелива со вода. Се остава водата да проврие околу 10-тина минути, и повремено се трга пената.

Се додаваат дуњите во шеќерниот сируп и се варат без многу мешање. Повремено само се претресува тенџерето. Коцкичките од дуња за кратко време се готови, можеби за 10-15 минути.

Се трга тенџерето од оган, се додаваат неколку кругови лимон. Се покрива со влажна крпа и се остава да излади. Ладното слатко се складира во тегли.

Од оваа количина добив 2 тегли од 720 мл и една мала од 300 мл.

РЕЦЕПТ 2 СЛАТКО ОД РЕНДАНИ ДУЊИ

Потребни состојки:

3 кг дуњи
1,5 кг шеќер
400 мл вода
2 лимони

Постапка:

Дуњите избришете ги со крпа и излупете ги убаво. Изрендајте ги на крупно ренде и ставете ги во поголемо тенџере. Полијте ги со сок од еден лимон и промешајте ги.

Додадете вода, па ставете го тенџерето на оган да се готви слаткото на тивко. Додадете го шеќерот со постојано мешање и почекајте да се создаде смеса слична на мед. Потоа тенџерето тргнете го од оган и слаткото складирајте го во стаклени тегли. На врвот ставете по едно тркалце лимон за да пушти сок.

Добро затворете ги теглите, покријте ги со ќебе и оставете ги така да преноќат. Следниот ден можете да ги складирате заедно со другата зимница.

РЕЦЕПТ 3 СЛАТКО ОД ДУЊИ СО ОРЕВИ

Потребни состојки:

1 кг дуња
1,2 кг шеќер
200 мл вода
100 г ситно сечкани ореви
1 лимон

Постапка:

Откако дуњите ќе ги исчистите, излупите ги и исечете ги на коцки или изрендате ги. Ставете ги во тенџере и додадете им сок од еден лимон. Мешајте и постепено додавајте вода, ставете на оган, додадете шеќер и почекајте смесата да проврие.

Доколку сакате можете и засебно да го приготвите сирупот па потоа да ги додадете дуњите. Кога ќе започне да врие, околу 15 минути, тргнете го слаткото од оган и додадете ги сечканите ореви. Уште еднаш промешајте додека убаво да се соедини. Потоа складирајте во тегли и по желба додадете тркалца од лимон. Завиткани во ќебе се оставаат да преноќат.

РЕЦЕПТ 4 МАРМАЛАД ОД ДУЊИ И ЈАБОЛКА

Потребни состојки:

3 кг исчистени дуњи
1 кг зелени јаболка
3 лимони
1,5 кг шеќер
400 мл вода

Постапка:

Дуњите исчистете ги и исечете ги на коцки, а истото направете го и со јаболката. Заедно ставете ги во поголемо тенџере и измешајте ги со шеќерот, водата и сокот од три лимони. Смесата гответе ја на умерен оган со повремено мешање и протресување на тенџерето.

Кога овошјето ќе омекне, испасирајте го исто како кога правите пире од компир или со рачен миксер. Гответе го мармаладот уште 15.20 минути со постојано мешање. Кога ќе згусне, тргнете го од оган и складирајте го во тегли.

Отворените тегли се ставаат во рерна на 100 степени околу 10 минути за малку да се запечат. Исклучете ја рерната но оставете ги теглите преку ноќ да изладат. Следниот ден добро затворете ги и чувајте ги во фрижидер и во темна и ладна просторија.

Loading...