Колку времињата се промениле покажува и фактот дека денешните деца созреваат многу подоцна отколку во минатото. Освен воспитувањето, влијаат и многу други фактори.

Познатиот српски академик, невропсихијатар и писател Владета Јеротиќ презентираше низа исклучително важни факти за воспитувањето на детето, кои треба да ги усвои од А до Ш секој родител, но и оние кои планираат да станат родители во иднина.

„Децата не го зајакнуваат бракот. Онаму каде што бракот е добар може да стане уште подобар со децата. Но, оној брак што не е добар, станува уште полош. Стабилните бракови се стабилни без разлика колку деца има во него. Значи, детето е токму она што е вашиот брак“.

„Она што е пресудно дека детето неправилно се развива е недостатокот на топлина, сигурност и авторитет од страна на самите родители. Детето се чувствува беспомошно во раните години доколку не го добие првиот неопходен импулс на сигурност и грижа од родителите. Тоа дете нема друг критериум за самопочит освен признанието што го добива од најблиската околина“.

„На мало дете му треба внимание, друштво, заштита, морално охрабрување и љубов повеќе од било кој и кога било подоцна во животот. Претпоставката е дека љубовта всушност се раѓа на таа рана возраст кога детето чувствува дека неговата потреба за сигурност е релативно задоволена, а за тоа пред сѐ е задолжена мајката, која ги внесува своите непосредни и несебични чувства“.

Во последно време на социјалните мрежи кружат мудри размислувања за образованието, но и за животот на денешниот човек. Извадок од книгата: „За родителството“ од Владета Јеротиќ, ви ја пренесуваме во целост.

„Кога десетгодишно девојче покажува несогласувања во исхраната, сè повеќе го губи апетитот и ги прекратува оброците, тоа е всушност несвесен знак на протест против влијанието на околината и моќнољубива мајка за која храната е најважна работа во семејството.

Тогаш не станува збор за некаква болест на детето само по себе, туку за симптом на нарушена комуникација во семејството, за што мајката ниту е свесна, ниту сака да биде свесна.

Кога еден дваесетгодишен студент, многу интелигентен, ќе престане да учи жалејќи се на главоболка, слабост на концентрација и несоница, сето тоа е во знак на протест поради болните амбиции на таткото кој не ги завршил студиите и сега тензично чека неговите неуспешни желби да ги оствари преку синот.

Со право се прашуваме дали тоа е знак за индивидуално невротично растројство на овој млад човек или, многу повеќе, аларм за неподнослива семејна ситуација. Овие примери не се изолирани, напротив, тие се секојдневна реалност, која со текот на времето ја поткопаа довербата во стабилноста и вредноста на семејството, како и на целото современо општество.

Ако еден член на семејството зазема доминантна позиција во семејството, што можеби и не е доволно забележливо како такво, може да постигне за себе делумен имунитет на ментално и физичко здравје жртвувајќи еден или неколку членови на семејството држејќи ги во болна состојба, тогаш такво семејство станува извор на емоционална зараза.

Се разбира, зборуваме за патолошки семејни сојузи, но ако нивниот број постојано се зголемува, засега видно во земјите од западната цивилизација, со тенденција да се шири кон други континенти и култури, тогаш мора сериозно да се запрашаме каков е светот во кој живееме“.