Гибаница – Пита со сирење.

Гибаница, или пита со сирење, ми е омилена солена пита. Сакам и пита со фил за пица, со модар патлиџан, печурки… но питата со сирење засекогаш ми е број еден. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кори за гибаница (подебели), 4 јајца, 500 г сирење, 300 мл јогурт, 100 мл масло, 1/2 лажичка сол, 1/2 кесичка прашок за печиво, 150 г кашкавал, 1 лажица сусам

ПОСТАПКА: Изматете ги јајцата со виљушка, па додајте го иситнетото сирењето и соединете. Додајте јогурт, масло, сол и прашок за печиво. Изрендајте кашкавал, додајте и измешајте.

Се става една кора врз намачкан со масло и набрашнет плех со помали димензии (или обложен со хартија за печење), да ги покрие и работ и дното на тавата (страните треба да излегуваат надвор од плехот.

Ако користите поголем плех, соодветно зголемете ги состојките, а на дното поставете 3-4 кори, секоја да излегува барем 2/3 надвор од плехот). Ако користите од најтенките кори (за баклава), тогаш користете по две кори.

Распоредете неколку лажици фил, па следната кора изгужвајте ја и врз неа ставете фил. Така наизменично наредете ги корите и филот додека да стигнете до последната. Премачкајте одозгора со масло измешано со малку фил. Посипете со сусам.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200°C околу 40 минути (готова е кога ќе нарасне и ќе зарумени). Извадете ја од рерна и почекајте неколку минути да подизлади, па сечете ја и послужете. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.