Мини слатки штрудлици – колач за сите прослави, готови се за неколку минути. Многу вкусни домашни штрудли со овошен вкус. Многу лесно се прават и сите уживаат во нив. Јас најмногу ги сакам со кафе, а за децата се одлично со млеко.

Одличен десерт за сите родендени, прослави, но и за домашно засладување. Неверојатни се, цело време ќе ги правите штом еднаш ги пробате. Ние ги обожаваме и со постојано на нашата трпеза откога го дознав рецептот. Не се премногу благи, а овошниот вкус освежува како ниеден друг колач.




Потребни состојки за тесто: 220 мл топло млеко, 110 мл масло, 1/2 квасец или половина свеж квасец, 80 г шеќер, 1 ќесичка ванилин шеќер, изрендана кора од портокал, рум, прстофат сол, 400 г брашно.

За фил: 250 г ореви, 80 г шеќер во прав, 1 ќесичка ванилин шеќер, 50 мл зовриено млеко, 20 мл рум (опционално), изрендана кора од портокал. Потребни состојки за намаз / премачкување: 1 жолчка, 2 – 3 лажици млеко.




Постапка: Брашното секогаш се додава постепено при подготовка на тестото. Кај секој различно се фаќа, во зависност од тестото и другите состојки, но отприлика ќе ви треба 400 г. За подготовка на тестото: Во сад додајте го млекото, маслото, квасецот, шеќерот, ванилиниот шеќер, изренданата кора од портокал и солта. Значи се додаваат сите состојки освен брашното.




Промешајте и додајте 2 – 3 полни супени лажици од брашното. Започнете со мешање и постепено додавајте од брашното додека да се формира тесто нелепливо под прсти. Откога ќе се замеси тестото, се префрла на набрашнета површина и уште малку се замесува.




Во намастен подлабок сад оставете го тестото да одмори и поклопете со проѕирна фолија. Во меѓувреме подгответе го филот. Во сад додајте ги мелените ореви (може и ситно сечкани), изренданата кора од портокал, ванилиниот шеќер, румот и шеќерот во прав. Сите суви состојки се мешаат, а потоа врз нив се додава претходно загреаното млеко. Повторно смесата се соединува.




Доколку не сте љубител на ореви, може да користите и лешници или други јаткасти плодови. Тестото се премесува и се дели на 3 или 4 еднакви делови. Секој дел се разблекува со оклагија, отприлика 20×30 цм. Минимално се набрашнуваат при развлекувањето. На секој дел се нанесува од претходно подготвениот фил, еднакво се распоредува и се рола тестото.




Секој ролат се пресекува на помали ролатчиња. Потребно е ролатот да биде што подолг отколку поширок. Краевите пресечете ги, но сепак и нив испечете ги бидејќи и тие се јадат. Секое ролатче треба да биде долго околу 3 см.

Ролатите редете ги на плех со хартија за печење. Истата постапка повторете ја и со останатите три теста. Направете намаз за премачкување од 1 жолчка и 2 – 3 лажици млеко. Убаво промешајте и премачкајте ги ролатите пред да ги ставите да се печат.




Ролатчињата се печат во претходно загреана рерна на 160 степени, а печете ги 20 минути. Не треба премногу да затемнат при печењет. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.




II РЕЦЕПТ – Штрудли од готови кори со чоколаден и ванилин крем: Брзо и едноставно, ќе ги послужите за 40 минути. Рецепт и видео прилог на Готвачот Иги (Igy The Cook). На вашата трпеза овој вкусен десерт ќе се најде точно за 40 минути и сите ќе уживате во него.

Најубави се ако малку отстојат во фрижидер…секако доколку успеете да се воздржите. Потребни состојки: 1 литар млеко, 1 пудинг од ванила, 1 пудинг од чоколадо, 4 лажички мед, 2 супени лажици гриз, 50 мл масло, 200 мл кисело млеко, 10 г прашок за печиво, 2 јајца, 2 супени лажици шеќер и 6 кори за пита.




Постапка: Измешајте малку млеко (50 мл или 3 супени лажици), 2 лажички мед, пудунг од ванила, а потоа истото направете го и со пудингот од чоколадо. Во преостанатото млеко (450 мл) додадете ја изедначената смеса од ванила и убаво промешајте.

Тенџерето со смесата ставете го на оган и мешајте додека да згусне. Тргнете го на страна, покријте го кремот со проѕирна фолија за да не фаќа коричка и оставете го да излади. Истата постапка во посебен сад повторете ја за да го приготвите и чоколадниот пудинг.




За премачкување измешајте: масло, гриз, јајца, прашок за печиво и кисело млеко. Добро изматете да се соединат состојките. На првата кора нанесете од преливот за премачкување, на втората кора исто така, а на третата кора нанесете го пудингот.

Свиткајте во ролат и ставете во намастен плех. Постапката се повторува и за втората штрудла. На крај одозгора премачкајте ги со преостанатиот прелив. Ставете ги во загреана рерна на 200 степени и печете ги околу 30-35 минути. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.