Цело семејство бевме поканети на ручек кај баба ми, но како по обичај, тетка ми со братучедите доцнеше. Ние бевме многу гладни и им јавивме да ги известиме дека нема да ги чекаме, па седнавме и ручавме, а кога баба ми го извади десертот, сите посегнавме по уште едно, па уште едно парче.. и за кратко време сè изедовме.

Баба ми се истуфка зашто се обиде да тргне настрана неколку штанглички за тетка ми и другите внуци, но толку ни се засладеа што сите ги изедовме и за нив не остана ништо. Мајка ми и се јави на тетка ми да и порача да купи нешто од слаткарницата попат, за не се „туфка“ баба ми.

Но, кога дојдоа и седнаа да ручаат, ние толку многу ги испофаливме штанличките со кикирки и карамел, што тие ни замерија зашто не сме се воздржале и посакаа да можат ги пробаат. Баба ми на шега стана и предложи заедно да ги направиме, па јас и тетка ми и се придруживме во кујна и ги подготвивме, овојпат во двојна количина. Еве што е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 170 г шеќер, 100 мл вода, 200 мл слатка павлака, 200 г кикирики (истостирани и излупени), 100 г сечкани ореви, 80 г путер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 100 г чоколадо. Декорација по ваш избор

ПОСТАПКА: Во тенеџере сипете го шеќерот, залијте го со вода, па ставете го на рингла и загревајте на ниска температура. Штом се растопи шеќерот и се формира густ сируп, започнете со повремено промешување. Шеќерот треба да карамелизира.

Кога смесата ќе ја добие карактеристичната карамел боја започнете со постепено додавање на слатката павлака. Непрекинато мешајте, особено затоа што карамелот ќе стврдне во контакт со павлаката, па потребно е да се меша за целосно да се растопи.

Кога смесата од карамел целосно ќе се растопи и изедначи со павлаката, додајте го путерот исечен на помали парчиња и продолжете со мешање додека и тој да се растопи и инкорпорира во карамелот. Потоа додајте и една кесичка ванилин шеќер.

Кога убаво ќе се изедначи, во карамелот додајте ги кикириките (претходно пропржени на сува тава/истостирани и излупени), па промешајте за рамномерно да се распоредат. Оставете ги во карамелот да „крчкаат“ една-две минути, па додајте ги сечканите ореви.

Смесата треба да е згуснета, па тргнете го тенџерето малку настрана да подизлади, неколку минути, па излејте ја во претходно подготвен калап обложен со проѕирна-стреч фолија. Баба ми го користеше калапот кој вообичаено го употребува за печење леб или ролат.

Израмнете, малку калапот потчукнете го, па оставете го целосно да се олади и да се стегне. Потоа отстранете ја фолијата и декорирајте со растопено млечно чоколадо и малку бело чоколадо. Сечете штанглички или коцки и сладете се во одличниот вкус. Деталите погледнете ги ОВДЕ.