Промената на годишните времиња и нестабилното време предизвикуваат осцилации на крвниот притисок. На тоа особено внимание треба да обратат пациентите со кардиоваскуларни проблеми, предупредуваат лекарите, но ниту здравите лица не би требало да го игнорираат “шетањето” на притисокот.

Стресот, физичкиот напор, стравот, возбудата па и наглата промена на времето се само некои од причините кои доведуваат до промена на артерискиот притисок.

Здравите лица немаат причина за голема загриженост, меѓутоа срцево болните мораат да внимаваат и редовно да ја земаат терапијата, особено во текот на чести температурни промени.

Симптомите кои укажуваат на пад на крвниот притисок се: слабост, малаксаност, препотување, гушење, несвестица.

Главоболка, болка зад градната коска, мачнина и повраќање се знаци дека дошло до негово покачување. Наглата промена на температурата на воздухот доведува до ширење на крвните садови и намалување на концентрацијата на кислородот. Како последица на ова се честите варијации на крвниот притисок, кои можат да доведат до инфаркт на срцето и мозочен удар.

Сè додека притисокот осцилира од 15 до 20 милиметри на живиниот столб, нема причина за загриженост. Меѓутоа, доколку тој преминува 139/89 mmHg, тоа значи дека е вон границите на нормалата. Ако крвниот притисок често ги “прескокнува” овие вредности, неопходно е да се обратите на лекар, бидејќи ова укажува на хипертензија која мора да се терапира со лекови.

Освен со лекови, артерискиот притисок е можно да се стабилизира и со промена на начинот на живеење, а тоа првенствено значи одвикнување од штетните навики, како што се консумирање на алкохол и пушење. Редовната физичка активност, доволен внес на течности, здрав начин на исхрана и водење сметка за одржување на нормална телесна тежина, исто така можат да го стабилизираат крвниот притисок.

Осцилациите на притисокот се особено опасни за лицата кои веќе имале мозочен или срцев удар. Наглиот пораст на горниот притисок го зголемува ризикот од повторен инфаркт, додека скокот на долниот може да предизвика шлог. Лицата кои имаат хипертензија треба особено да внимаваат.

Доколку често се случува притисокот да ви е премногу низок и да ви паѓа под нормалата, тоа е знак дека треба да побарате лекарска помош и да ви ја променат терапијата.