I РЕЦЕПТ – Штрудла со мак од готови кори, многу едноставна а превкусна. Фотографија и рецепт на Ивана Динуловиќ. Потребни состојки: 3 јајца, 2 чаши шеќер, 1 чаша јогурт, 1 чаша презли (лебни трошки), 1 чаша гриз, 1 чаша масло, 1 прашок за печиво и 500 г тенки кори.

За фил, сите состојки се мешаат: 350 г мак, 200 мл врело млеко и 4 лажици шеќер. За сируп, состојките да проварат: 2 чаши шеќер, 3 чаши вода, 2 ванилин шеќер и 1 лимон исечен на тркалца. За мерење се користи чаша од јогурт 180 мл или од 200 мл, ама да не е преполна (погледнете видео).

Постапка: Јајцата се матат со жица, па се додава шеќерот, се мати додека да се растопи, а потоа се додава маслото и јогуртот, лебните трошки, гризот и прашокот за печиво. Ставете една кора, намастете ја со масло, па ставете втора кора, па нанесете неколку кутлачи прелив и премачкајте со четка преку целата површина.

Па третата кора исто премачкајте ја со преливот, а на четврта кора нанесете фил од мак, исто така преку целата површина. Лабаво свиткајте во ролат и редете во намастен плех. Оставете да отстои 10 минути, додека се загрева рерната на 200 степени.

Се пече додека убаво да зарумени. Преку врелата штрудла се полева врел сируп. Се остава да впие, па кога ќе излади се сече и послужува. Многу е поубава следниот ден кога убаво ќе впие. Значи, помеѓу двете кори се прска масло, на втората кора се мачка прелив, на третата повторно прелив и на четвртата фил од мак. Целата постапка погледнете ја во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Подобар рецепт за штрудла со мак нема да најдете – и мирисна и вкусна, се топи во уста. Рецептот со видео презентација го приготви Том Филос. “Според мое мислење ова е најдобриот рецепт за штрудла”, вели тој во неговата презентација.

Од сите рецепти овој најмногу ми се допаѓа, па одлучив да го снимам со цел да биде достапен на сите, вели Том Филос. За да го приготвите тестото ќе ви бидат потребни следните состојки: 200 мл млеко, 2 јајца, 60 мл масло, 40 г шеќер, 15 г сув квасец, 1 лимон – рендана кора, 600 г брашно.

За фил: 500 г мак (семе од афион), 100 г шеќер, 20 г ванилин шеќер (2 кесички), 20 г пченичен гриз, 380 мл зовриено млеко. За премачкување: 1 јајце + 2-3 лажици масло. Постапка: Во подлабок сад ставете 200 мл млеко, две јајца, 60 мл масло, 40 г шеќер, 15 г сув квасец и рендана кора од еден лимон.

Матете со миксер најпрво на бавна, а потоа на поголема брзина додека да се изедначат и соединат состојките. Во течната смеса додадете 600 г брашно и повторно матете со миксер со продолжетоци за тесто. Матете или месете додека да добиете мазно тесто.

Оставете го покриено со проѕирна фолија да стасува околу еден час. За тоа време пригответе го филот. За фил: Во поголем сад измешајте 500 г мак, 100 г шеќер со 20 г ванилин шеќер и 20 г пченичен гриз. На оган ставете 380 мл млеко да зоврие, па прелијте ја сувата мешавина.

Убаво промешајте да се изедначат состојките, покријте со проѕирна фолија и оставете да излади. Голем плех од рерна убаво намастете го со путер. Стасаното тесто малку премесете го на набрашнета површина и поделете го на два дела. Од секој дел развлечете правоаголна кора со помош на оклагија.

Врз целата површина рамномерно распоредете половина од приготвениот фил со мак. Свиткајте во ролат. Постапката повторете ја и со второто тесто. Штрудлите ставете ги во намастената тепсија и покријте ги со проѕирна фолија да стасуваат околу половина час.

Стасаните штрудли одозгора премачкјате ги со изматено јајце со малку масло. Печете во претходно загреана рерна на 160 степени, 45 минути, а потоа извадете ги од рерна и покријте ги со крпа неколку минути да подизладат. Деталите со постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

III РЕЦЕПТ – Мојата омилена штрудла со мак. Фотографија и рецепт на Марија Периќ. Потребни состојки: 2 белки, 250 мл врело млеко, 450 г брашно, 10 г свеж квасец, 2 мали лажички прашок за печиво, 1 лажица шеќер, ½ лажичка сол, 100 мл масло.

За фил: 300 г мак, 4 лажици шеќер, 200 мл млеко +- Во филот плус можете да додадете 3 лажици џем или едно рендано јаболко, суво грозје… Постапка: За фил: макот и шеќерот постепено потопувајте ги постепено со врело млеко. Треба да добиете густа смеса, затоа млекото постепено додавајте го.

За тесто: со миксер се матат белките, па се додава постепено врелото млеко. Се остава да излади. Во друг сад се става брашното, шеќерот, свежиот квасец, прашокот за печиво, солта и маслото, па убаво се замесува тестото со млекото и белките додека да добиете убаво тесто кое е малку лепливо (така треба да биде).

Тестото веднаш се дели на 2 дела врз работна површина, добро наросуваме со брашно и се развлекува кора и се филува. Се витка во ролат и одозгора се премачкува со две жолчки изматени со две лажици кисела павлака. Се пече на 180 степени додека да добие убава златна боја.

IV РЕЦЕПТ – Кога еднаш ќе направите ролат со ова тесто, веќе никогаш нема да го смените рецептот: Вкусно и после два дена. Не можам да го опишам тестото, тоа е меко и крцкаво истовремено, вкусно, се топи во уста…Врв! Потребни состојки за тесто:

1 кг брашно, 5 филџани (од 30 мл) масло, 500 мл чај од камилица или некој друг чај, 6 лажици шеќер, 1 коцка свеж квасец, 1 ванилин шеќер, ½ лажичка сол и малку рендана кора од лимон. За фил: 4х200 г мелени ореви или мак, рогач, лешници, потоа 4х3 лажици шеќер и 700 мл врела вода.

Постапка: Прво сварете го чајот. Сварете поголема количина, може ќе ви затреба. Разматете го квасецот со една лажичка шеќер и малку топла вода. Добро промешајте за да се раствори шеќерот и да нема грутчиња, па оставете на топло да се активира и запени.

Во измереното и просеано брашно додадете масло, шеќер, рендана лимонова кора, ванилин шеќер, малку сол, активираниот квасец, па додадете го млакиот процеден чај. Замесете меко тесто – не грижете се, како што ќе стасува, ќе добива посебна структура која ќе можете дури и со прсти да ја развлекувате.

Оставете го тестото да стасува додека да се удвои. Потоа поделете го на 4 делови. Секој дел развлечете го во правоаголна форма со величина на плехот од рерната. Секој дел од тестото посебно се филува. Секој фил се приготвува на ист начин: На пример, во мелениот мак додадете шеќер и полијте го со врела вода.

Не смее да биде многу ретко. Кората премачкајте ја со филот и свиткајте го ролатот. По ширината на плехот (намастен) наредете ги 4 ролати. Штрудлата ставете да се пече во преходно загреана рерна на 220 степени, додека убаво да зарумени и да ви замириса целата куќа, околу 30 минути.

Извадете го плехот од рерна, прекријте ги ролатите со крпа и оставете полека да се ладат. Дополнително ќе омекнат од сопствената топлина Потоа наросете ги со шеќер во прав. Ова тесто секогаш успева, лесно се приготвува, не чини многу скапо, а дава врвен резултат./Coolinarika.com

V РЕЦЕПТ – МИНИ ШТРУДЛИ (без квасец!): инаку моите омилени, па да го споделам рецептот. Потребни состојки: 200 г маргарин / путер, 1 јајце, 1 чаша кисела павлака, 1 прашок за печиво, 1 лажица шеќер, малку сол, 100 мл млеко, 500 г брашно +-

За фил: Јас ги сакам штрудлите со богат фил, да има многу фил, па на една штрудла ставам околу 200 г мак (ореви, бадеми, рогач…-За две штрудли со мак: 400 г мак, 100-200 мл млеко, 1 портокал – рендана кора, шеќер по вкус, малку цимет. За една штрудла со ореви:

200 г ореви, 100 мл врело млеко, шеќер по вкус, 1 лимон – рендана кора. Во двата фила по желба можете да додадете рум, ванилин шеќер, суво грозје… или нешто друго по ваш вкус. Постапка: Во подлабок сад ставете ги состојките, сите по ред. Маргаринот треба да биде омекнат.

Брашното секогаш го ставам на крај, така ми е полесно, бидејќи по структурата на тестото најдобро проценувам колку ми треба. Главно околу половина килограм, а тестото треба да биде средно тврдо. Ако го ставите брашното на почеток, па излезе посуво тестото, можете да го доработите со додавање на уште малку млеко.

Кога ќе се замеси тестото, поделете го на 3 топки. Не мора долго да стои, туку за времето кое ви е потребно за да го приготвите филот. Во макот ставете шеќер и попарете го со врело млеко, изрендајте кора од портокал, ставете цимет и сето добро измешајте го.

Треба да биде лепливо. На истиот начин се приготвува и филот од ореви. Тестото се развива доста тенко во облик на квадрат и се премачкува со филот речиси до самиот крај. Оставете околу 2-3 см празно, за да може тестото кога ќе се завитка добро да се залепи, а филот да не истекува надвор.

Исто така и краевите на штрудлата треба да се затворат со прсти. Вака повторете и со останатите 2 топчиња. Штрудлите редете ги на намастен плех и одозгора премачкајте ги со изматено јајце во кое сте додале малку масло. Сум слушнала дека од ова не пука тестото.

Така мама вели, а јас слушам. Се пече на 200-220 степени околу половина час. Кога одозгора ќе добие убава боја, тогаш е готово. Кога ќе ги извадите штрудлите од рерна, покријте ги со кујнска крпа, додека малку да се изладат и тогаш само сечете и јадете./Coolinarika.com

VI РЕЦЕПТ  – Брза штрудла: нема чекање, се пече одма – Штрудла со мак (семе од афион) и ореви. Рецепт и видео прилог на “Направи сама – Идеи за креативци” – Маковница и Оревовица. Брза штрудла, нема чекање, туку се замесува и се пече веднаш, а совршена е.

Рецептот на мојата омилена блогерка Јека од блогот “Јекин капрц”. Потребни состојки: 2 белки, 250 мл врело млеко, 450 г меко брашно тип 400, 10 г свеж квасец, 2 лажички прашок за печиво, 1 лажица шеќер, ½ лажичка сол, 1 лажичка, рендана лимонова кора и 100 мл масло.

За првиот фил ќе ви бидат потребни следните состојки: 200 г мелен мак (семе од афион), 100 мл врело млеко, 3 лажици шеќер или по вкус, 1 ванилин шеќер и 2-3 полни лажици густ мармалад или џем. За вториот фил ќе ви бидат потребни следните состојки:

200 г мелени ореви, 100 г врело млеко, 3 лажици шеќер или по вкус, 1 ванилин шеќер, 2-3 полни лажици густ мармалад или џем. За премачкување на штрудлите: 2 жолчки и 2 полни лажици кисела павлака. Постапка: Одвојте ги белките и изматете ги во цврст снег.

Потоа во тенок млаз додавајте врело млеко додека постојано матите со миксер. Потоа тргнете ги белките на страна да се оладат и додадете 100 мл масло. Во подлабок сад за месење додадете 450 г брашно, па издробете 10 г свеж квасец, две лажички прашок за печиво, 1 полна супена лажица шеќер, на врв од лажичката сол и рендана кора од лимон (околу 1 лажичка).

Промешајте убаво да се изедначат состојките. Сувите состојки постепено додавајте ги во изладените белки со млеко и масло и мешајте со лажица додека убаво да се соединат. Тестото е меко и лепливо. Поделете го на два дела, за две штрудли и оставете го на страна малку да одмори.

За тоа време пригответе го филот со мак: загрејте 100 мл млеко па прелијте го врз 200 г мак. Додадете една кесичка ванилин шеќер и 2 или повеќе лажици џем (по потреба). Промешајте за да се изедначи. Истата постапка повторете ја и за филот со ореви. За да не ви потемнат оревите, во нив додадете малку лимонов сок.

Врз набрашнета површина малку премесете го тестото во тенка кора со димензии 42х28 см или приближно. Врз кората рамномерно распоредете го филот, па свиткајте го ролатот и пренесете го во плех обложен со хартија за печење. Истата постапка повторете ја и со другата половина од тестото.

Одозгора штрудлите премачкјате ги со мешавина од изматени две жолчки и две лажици кисела павлака. Ставете да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 20-тина минути до половина час. Деталите од постапката може да ја погледнете во видеото ОВДЕ.