Како да направите селско месо за 20 минути или гулаш за 10 минути…компир манџа за 15 минути – многу едноставно: со месо од тегла. Месото од тегла е нешто највкусното што сте го пробале. Сочно е, меко и се топи во уста како локум и може веднаш да се јаде директно од тегла.

фотографија на Снежанка Жанче

Јадењата приготвени со него исто така, се превкусни, но и многу брзи за подготовка. Месото се додава 10-тина минути пред крајот. Ако веќе сте направиле, познат ви е неговиот вкус, а доколку сè уште не сте го пробале, следната пригода направете го – нема да се покаете.

фотографија на Снежанка Жанче

Овој рецепт го раскажа Ѓоко Серафимовски од Тетово (видео презентација на Храна и Вино). Одличен, многу корисен, лесен и сугурен начин за чување на месото. Можете да го користите на најразлични начини, во различни комбинации. Најдобро од сè е што не мора да го чувате во фрижидер.

фотографија на Снежанка Жанче

Рокот на траење никој со сигурност не може да ви го каже, бидејќи оние што го прават, велат дека колку и да направат количински, секогаш сè се потрошува за само неколку месеци. Но, сепак, ако некоја тегла некаде се подзаборавила, официјалниот рок на ова месо е 3 години.

фотографија на Снежанка Жанче

Можете да си го понесете со себе кога одите во викендица (ако немате фрижидер), на излет, кога одите по риби…А вкусот не му се менува, предобро е. Можеби се прашувате која е тајната – всушност, станува збор за еден стар начин на конзервирање на месото.

фотографија на Снежанка Жанче

Суштината е во тоа што со варењето без вода во теглите, самото месо си испушта сопствени сокови кои се претвораат во желатин. Сите хранливи состојки остануваат внатре, бидејќи месото не се смрзнува. Кое јадење и да го направите со ова месо, тоа станува феноменално вкусно, токму поради овој желатин.

фотографија на Снежанка Жанче

За 8 тегли од 720 мл ќе ви бидат потребни следните состојки: 2 кг свински бут (фрикандо), 2 кг свинска плешка, 800 г свежа сланина (100 г по тегла), 2 супени лажици сол (некои ставаат ловоров лист, црн пипер во зрно, а вие можете да ставите и зачини по свој вкус).

Постапка: месото исечете го на коцки со големина од 5-6 см. Сланината исечкајте ја колку можете поситно, на ситни коцкички. Според еден начин, месото може да го зачините само со сол и убаво да го измешате со раце. Потоа полнете ги теглите и убаво притискајте го месото за да има што помалку празен простор.

Одозгора ставете малку сечкана сланина, притиснете и оставете да има малку празен прстор, околу еден центиметар под капакот. Затворете ја добро теглата со метален капак. Втора варијанта, за гулаш: ставете 550 г сечкано месо без сол и зачинете го со готова сува мешавина за гулаш.

Добро измешајте го месото со раце за да го впие зачинот рамномерно и повторете ја постапката. Добро притиснете го во теглата, одозгора ставете ситно сечкана сланина и затворете со метален капак. Добро би било на капакот да си запишете со фломастер какво е месото.

Со вакво означување, подоцна полесно ќе ја пронајдете теглата која ви е потребна кога ќе приготвувате гулаш. Трета варијанта, за компир “паприкаш” манџа: ставете 500-550 г сечкано месо без сол и зачинете го готов зачин – мешавина за “компир манџа”.

Постапката е подеднакво иста: се меша уваво месото, се складира во теглата, одозгора се става сланина и добро се затвора. Врз капакот обележете со знак, за да можете подоцна да ги разликувате теглите и да знаете во која тегла каков зачин имате ставено.

фотографија на Снежанка Жанче

Во длабоко тенџере на дното ставете неколку кујнски крпи или хартија. Во тенџере од 10 литри може да се стават точно 8 тегли од 720 мл. Откако добро ќе го обложите дното на тенџерето, истото сторете го и со теглите. Секоја тегла завиткајте ја во хартија или крпа.

фотографија на Снежанка Жанче

Фукнкцијата на ова завиткување на теглите е да се спречи нивно допирање и пу-кање кога ќе врие водата. Наполнете го тенџерето со вода која ќе допира до капаците. Загревајте на умерена температура, а откако ќе зоврие водата, теглите варете ги уште 2,5 часа.

фотографија на Снежанка Жанче

На приближно 15-тина минути мора да го дополнувате тенџерето со врела вода, како што таа ќе испарува. Кога ќе завршите со варењето (после 2,5 часа), не ги вадете веднаш теглите од тенџерето, туку оставете ги внатре додека целосно да се оладат до собна температура.

Предности: месото не се замрзнува; се вари без вода, само во сопствените сокови, а како резултат на тоа се создава желатин кој дава феноменален вкус; брза подготовка на јадењата. Може да се комбинира со сè и сешто, а видео презентацијата со целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.

I РЕЦЕПТ (од архива): Месо во тегла за зимница, кој пробал знае! Фотографија и рецепт: Снежанка Жанче. После пиперки на секаков начин, треба да се стави и нешто мрсничко за зимница. Еве го мојот рецепт за месо во тегла. Потребни состојки: 10 кг месо, 300 г крупна сол, црн пипер во зрно.

фотографија на Снежанка Жанче

Постапка: Месото се зачинува, се полнат теглите со натиснување. Се ставаат да се варат не помалку од 3 – 3,5 часа на тивко. Јас ставив 6 кг бут и 4 кг плешка. Теглите ги ставам во торбички и во лонец, залиени со вода до капачињата. Тоа е тоа…На здравје кој ќе прави!

фотографија на Снежанка Жанче

II РЕЦЕПТ (од архива): Саламурено месо во тегла – како локум! Фотографија и рецепт на Катерина Спасова. Потребни состојки: месо по ваш избор. Зачини: сол, црн пипер и мирудии по ваш избор, тегли. Постапка: Се сече месото и му се додаваат зачините, убаво се меша за да прими месото.

Фотографија на Катерина Спасова

Се остава три часа за убаво да се маринира. Месото се става во тегли и убаво се гмечи. Му се додава по еден филџан вода. Се затвораат теглите и се ставаат во голема шерпа полна со вода, убаво да бидат залиени. Секоја тегла е завиткана во крпа. Се варат на тивко три до четири часа. Многу убаво и вкусно. Кој пробал, тој знае.

Фотографија на Катерина Спасова