Ова се еден вид крокети кои се многу вкусни, а се приготвуваат многу брзо, лесно и едноставно. Во суштина, сѐ што ви е потребно е компир, брашно и јајца. Може да ги подготвите доколку ви остане малку пире од ручекот, бидејќи овие погачици се подготвуваат од испасиран компир.

Однатре се филуваат со парче кашкавал, а во пирето се додава малку магдонос, кој дава посебна арома, но и интересен изглед. Во рецептот се филуваат со моцарела, но може да користите било каков кашкавал. Печивата може да се пржат или да се печат, како ви е полесно. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 средни компири, 1/2 лажичка сол, 1 јајце, 1/2 китка магдонос, 1/4 лажичка црн пипер, 240 г брашно, 10 г прашок за печиво (1 кесичка), 100 г моцарела или некој друг кашаквал, масло за пржење.

ПОСТАПКА: Компирите измијте ги со ладна вода пред да ги излупите. Исечете ги на приближно еднакви коцки за да можат рамномерно да се сварат. Измијте ги повторно или оставете ги да отстојат уште неколку минути во вода. Ставете ги во тенџере и прелијте ги со ладна вода. Посолете со прстофат сол или една лажичка, па варете ги додека да омекнат.

Варените компири процедете ги од водата или извадете ги со решеткаста лажица. Испасирајте ги додека се уште топли со виљушка или специјална пасирка, додека да се изедначи смесата и да стане кремаста, без грутчиња и поголеми остатоци од компирите.

Потоа додајте го јајцето и промешајте додека да добиете мека, хомогена смеса која не се лепи. Настрана исечкајте половина китка магдонос на ситно, па додајте во пасираниот компир. На крајот, започнете постепено да го додавате брашното и соединете ја смесата со лажица.

Кога ќе забележите дека смесата станува густа, преминете на месење со раце, додека да добиете компактна смеса, слична на тесто. Доколку тестото од компир е премногу влажно, додајте уште малку брашно. Вака подготвеното тесто ставете го во садот кај што го замесивте, покријте со стреч-фолија и оставете го во фрижидер 10-15 минути.

Потоа, поделете го на 4 еднакви дела. Секој дел обликувајте го во круг, прво сплескајте го со рацете, а потоа малку развлечете го со оклагија. Вака подготвеното тесто пресечете го на половина и на секоја половина ставете го едно парче сечкан кашкавал (моцарела или по ваш избор).

Преклопете со другата половина (како да подготвувате равиоли-тестенини), па со виљушка „залепете“ ги краевите. Вака подготвените компири изгледаат многу декоративно.

Вака приготвените полнети погачици спуштајте ги во тава со малку масло загреано на умерена температура и пржете ги од двете страни додека убаво да заруменат. Може да ги печете и во рерна врз хартија за печење, премачкани со малку масло. Деталите погледнете ги ОВДЕ.