Секоја година си правам, не можам без сатараш.

Потребни состојки:

1 кг кромид
3 кг пиперки
3 кг меснати домати
2-3 моркови
масло, шеќер, сол

Постапка:

Ова беа моите мерки, зеленчукот измерен пред да го исчистам, а вие не мора според моите мерки да се придржувате, користете зеленчук во количина колку што вие сакате, вжна е само постапката и правилното пакување. Од овие мерки ми излегоа 8-9 тегли од 720 г.

Значи, прво зеленчукот се мие и се чисти. Кромидот се сечи на ленти, а пиперките на поголеми парчиња. Доматот се прелива со врела вода и се лупи, па се сече на парчиња.

Морковите на ренде исечете ги на тенки тркалца, а можете и воопшто да не ставате морков. Тоа е по вкус.

Во широко и длабоко тенџере во кое обично ја приготвувате зимницата, ставете масло да се загрее. Најдобро е ова да се прави надвор на оган, но може и на шпорет. Важно е да користите што пошироко тенџере, затоа што важно е зеленчукот да се запржи а не да се свари во сопствениот сок. Ставете да се пржи кромидот и посолете го, па кога ќе омекне додадете го морковот, кратко пропржете го, па додадете ги пиперките и повторно малку посолете… Кога купувате пиперка одберете од сите бои, да има и жолти и црвени и зелени…јас имав и портокалови.

Кога пиперката малку ќе омекне, додадете ги доматите и малку посолете, а потоа полека гответе до густина која ја сакате. Во текот на готвењето на доматот додадете му шеќер, а на крај и сечкан магдонос доколку сакате.

Врелиот сатараш складирајте го во загреани, чисти тегли, на врвот нека има само течност, не смее да ѕирка парче пиперка. Врзете ги теглите или ставете им капак и завиткајте ги во ќебе додека да изладат.

Можете да го складирате и во пластични садови и да ги замрзнете.