Тиквичките треба често да се јадат, особено напролет за да ни ја дадат потребната енергија и да не снабдат со големо количество витамини и минерали. Може да се јадат сирови, тенко исечкани во салата, се приготвуваат печени со фил, се пржат како похувани или рендани во вид на ќофтиња, а овојпат ви претставуваме еден интересен рецепт, како да направите сарми од тиквички.




Ќе ви биде потребно посебно ренде-секач или ноже за лупење со чија помош ќе ги исечете тиквичките на долги ленти. Исто така, треба да знаете дека младите тиквички не треба воопшто да ги лупите, бидејќи токму во лушпата се наоѓаат најхранливите материи, пишува НМД. Еве што ви е потребно за да ги направите овие вкусни сармички според рецептот на Мирзета:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со мала чаша од 125 мл): 1 чаша булгур, 1 чаша врела вода, 150-200 г мелено месо, 1 средно голема главица црвен кромид, 1 полна супена лажица доматно пире, околу 1/2 китка свеж магдонос и копар, 1-2 чешне лук, сол, црн пипер, црвен пипер и зачини по вкус. За преливање: 1 супена лажица доматно пире, 1/2 чаша масло (60 мл), 400 мл вода




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете една чаша булгур и прелијте го со една чаша врела вода. Покријте го со стреч-проѕирна фолија и оставете да кисне 10-тина минути. За тоа време оваа многу здрава псевдо-житарица ќе набубри и ќе ја впие водата.




Потоа додајте околу 150-200 г мелено месо по ваш избор, една средно голема главица црвен кромид најситно исечкана, 1 полна супена лажица доматно пире, околу една рака ситно исечкан свеж магдонос и копар, 1-2 чешниња лук ситно исечкани или изрендани и најпосле додајте зачини по вкус.




Смесата добро измешајте ја или измесете ја со рака за да се соединат сите вкусови. Ако во моментот немате булгур, може да додадете една рака ориз, или пак, смесата со мелено месо да си ја приготвите по ваш вкус, како што обично ја подготвувате за сарми од зелка на пример.




Тиквичките добро измијте ги со ладна вода, потсечете им ги краевите со тврдите делови, па внимателно исечете ги на лентички. На крајот од секоја лентичка ставете малку од приготвениот фил, па внимателно завиткајте ја во ролничка. Постапката повторувајте ја додека имате материјал.




Вака приготвените сармички од тиквица наредете ги во плех малку намастен на дното. Во еден подлабок сад измешајте 1 супена лажица доматно пире, 1/2 чаша масло (60 мл), 400 мл вода, па со оваа течност прелијте ги ролничките со помош на кутлача.




По желба, може одозгора малку да ги прошарате со кечап. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени додека да заруменат. Послужете ги топли со кисело млеко или павлака. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.