Рецепт и видео прилог на Том Филос – Рожата. Рожата е традиционален пудинг со прелив од карамел. Кремаст и многу вкусен десерт кој се приготвува од само неколку состојки. Секој може да го направи! Ако внимателно ги следите упатствата, нема да промашите. Ова е рожата на мој начин, се обидов да ја збогатам со вкус на банана.

Во оригиналниот рецепт сè е исто, само што нема банани. Може по желба да се додаде кора од лимон или портокал, малку рум или ванила, какао итн…Секој по свој вкус. Од состојките кои се потребни, можеби веќе ги имате во кујна.

Потребни состојки: 150 г шеќер, 40 мл вода, 2 банани, 5 јајца, 10 г ванилин шеќер, 100 г шеќер, 500 мл млеко.

Постапка: Во тенџере на умерен оган ставете 150 г шеќер и 40 мл вода и загревајте со постојано мешање додека да добиете карамел. Добиениот карамел излејте го во помал калап за торти и рамномерно обложете го целото дно и страните. Оставете го на страна да се олади и стврдне.

Во блендер ставете 2 банани исечени на парчиња, 5 јајца, 10 г ванилин шеќер, 100 г шеќер и 500 мл млеко. Миксајте додека да се изедначат состојките во еднолична смеса. Добиената смеса излејте ја во калапот со карамел. Одозгора поклопете добро со алуминиумска фолија, па калапот ставете го во поголем сад со вода.

Ставете во во загреана рерна на 180 степени да се “вари” пудингот околу еден час. Потоа извадете го садот од рерна и оставете да го да се олади на собна температура. Превртете го врз украсна чинија за сервирање и послужете го. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видео прилогот ОВДЕ.