Рецептот на свекрва ми за најубавата лисната погача: само 10 минути време, откога го имам овој рецепт не би го менувала за друг

Овој рецепт за лисната погача го добив од свекрва ми која знае многу рецепти кога станува збор за тесто. Без разлика дали е за благо или солено тесто, свекрва ми е многу вешта и прецизна во месењето и секогаш тестото и излегува одлично.




Откога го добив овој рецепт кој на децата многу им се допадна, особено за вечера, сега не го менувам за друг. Тестото се прави од само неколку состојки и не треба долго месење или чекање да стаса. Прочитајте во продолжение што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл ладна вода, 1 лажичка сол, 60 мл растопен путер, 60 мл масло, брашно се додава по потреба, 500 г павлака/грчки јогурт, 2 чешниња лук, 150 мл вода и уште малку сол.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете ладна вода и посолете ја со 1 мала лажичка сол. Промешајте со жица маталка па започнете постепено да додавате брашно. Не сум сигурна колку точно брашно оди во рецептот, па затоа и се додава на крај за да може да определите во зависност од количината на останатите состојки.




Постепено додавајте брашно, по неколку лажици и константно мешајте со жица или маталка додека почне да се формира тесто. Кога состојките ќе бидат инкорпорирани, започнете да го домесувате тестото со рака колку што му е потребно за да се измазни.




Покријте го тестото со проѕирна фолија во садот и оставете да одмори 20 минути. По изминатото време префрлете го на набрашнета работна површина и поделете го на два еднакви делови. Двете теста посебно обликувајте ги во топчиња.




Прво започнете со оклагија да го развлекувате првиот дел од тестото. Се разлекува во правоаголник колку што можете повеќе, а потоа на средина се премачкува со комбинација од растопен путер и масло. Сосем малку се пропрскува на средина од маслото, па со кујнска четкичка се премачкува до останатите делови.




Преклопете го тестото на едната страна до половина, премачкајте со масло, а потоа преклопете го од другата страна која треба да дојде врз првата преклопена. Премачкајте со масло. Потоа од долу кон горе здиплете го тестото на половина, премачкајте и завршете со превиткување на преостанатата страна.




На истиот начин диплете го и второто тесто во кое на средина треба да го ставите првото тесто. На крајот целото тесто треба да изгледа како коцкаста перница. Ставете го во една чинија и покријте го со фолија, па оставете да одмори додека рерната да се загрее на 225 степени.




По изминатото време, префрлете го тестото на намастен плех и развлечете го колку неговата големина со раце. Пресечете го тестото на коцки пред да го ставите на печење, а одозгора премачкајте со мешавината од масло и путер. Печете додека лиснатите погачици да заруменат одозгора.




Во меѓувреме направете го филот кој треба да го премачкате одозгора врз печените погачи. Ситно исечкајте две чешниња лук и измешајте ги со павлаката и водата, па посолете по вкус. Излејте ја смесата врз погачиците и вратете на печење на истата температура додека филот да се спушти врз тестото. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Претходна статијаПЛАЗМА СТРАЧАТЕЛА ЗА 5 МИНУТИ: Кремаст колач набрзинка, мора да го пробате
Следна статијаМЛЕЧЕН ДЕСЕРТ КОЈ НЕ СЕ ПЕЧЕ: без јајца, а сепак е поубав од сите останати колачи