Рецепт за најздравиот сок: СОК ОД АРОНИЈА

Бобинките од аронија е најдобро да се замрзнат и по потреба да се вадат и блендираат, но доколку имате поголема количина од ова овошје, зошто да не си приготвите вкусен и здрав сок.

Рецептот е даден за еден килограм аронија, но вие зголемете ги количините во еднаков однос според планирата количината што ја имате.

Потребни состојки:

1 кг бобинки аронија
500 мл вода
400 г интегрален шеќер
½ лимон – сок

Постапка:

Во подлабока шерпа или лонец додадете шеќер и вода, па ставете на оган додека да зоврие со повремено мешање. Кога водата ќе зоврие додадете ја аронијата.

Постојано мешајте и бобинките гмечете ги со решеткастата лажица за пире, за да се исцеди што повеќе сок од нив. Кога ќе достигне точка на вриење исклучете го огнот, оставете една минута, па тргнете го садот на страна и оставете да излади.

Процедете ја смесата низ газа, па добиениот сок вратете го повторно на оган да зоврие уште еднаш. Откако ќе проврие додадете сок од половина лимон, промешајте и складирајте во шишиња претходно загреани во рерна на 90 степени – стерилизирани. Значи врел сок во врели шишиња, па затоа внимавајте да не се изгорите.

Сокот затворете со оригинален чеп и оставете целосно да излади прекриен со ќебе или некој подебел чаршав. Чувајте на темно и ладно место, па консумирајте по потреба. Доколку сакате може да го разредувате со малку вода.

Совет плус: предвидено е да се пие околу 300 мл дневно, па практично е да се складира во помали шишиња за да можете да го испиете истиот ден. Кога ќе се отвори сокот потребно е да се чува во фрижидер, но во текот на два дена би требало да се испие целото шише. Сокот од аронија е најздраво да се пие на гладно, наутро по една мала чаша или пред секој од главните оброци.

Loading...