Овој десерт кога ќе го пробате веднаш ќе знаете дека тоа е- тоа! Колач каков што може да се најде во најдобрите виенски слаткарници. Пробајте го рецептот за овој раскошен колач со ореви и арома на кафе.

Потребни состојки:

-кора од белки и ореви*
4 белки
1 прстофат сол
100 г шеќер
15 г густин
80 г мелени ореви

За крем од кафе:

4 жолчки
750 мл млеко
150 г шеќер
65 г густин
1 лажица Nescafé кафе
200 г путер

Глазура:

115 г темно чоколадо мин 55% какао
30 мл масло

Постапка:

*Наведените состојки се доволни за приготвување на една, а потребно е да се приготват две вакви кори.

На белките додадете им прстофат сол и кратко измиксајте ги. Потоа постепено додавајте шеќер и продолжете со миксање додека да добиете цврст снег.

На крај со лажица додадете густин и мелени ореви и внимателно промешајте. Приготвената смеса излејте ја во плех за печење (28х36 см) обложен со хартија. Кората печете ја 12-15 минути на 180 степени. Изладената кора пресечете ја на половина за да добиете две помали кори. Испечете уште една ваква кора за да добиете вкупно 4 помали кори.

За крем: густинот разматете го со 150 мл млеко (се одзема од вкупната количина). Во остатокот од млекото додадете 100 г шеќер па загрејте до вриење. Остатокот од шеќерот измиксајте го со жолчките додека да добиете светла густа смеса. Додадете го разматениот густин во зовриеното млеко и со постојано мешање варете додека да згусне. На крај додадете кафе.

Добиениот крем оставете го на страна да излади прекриен со проѕирна фолија за да не фаќа коричка. Потоа соединете го со изматен путер на собна температура.

На чинија за послужување редете ги корите и филувајте ги со кремот. На крај колачот прелијте го со чоколадна глазура. За приготвување на глазурата потребно е да го растопите чоколадото на пареа и да му додадете масло. Кога малку ќе излади се прелива преку кремот.

Колачот се остава воп фрижидер за убаво да излади и да се стегне пред послужување.