Повеќето од нас кога сме ненаспани, уморни, кога чувствуваме општа слабост или сме во некој стресен период, посегнуваме по секакви вештачки витамини, наместо да се сетиме на благодетите на бозата.

Боза е древен напиток од житарици кој во годините од минатиот век се пиел со хектолитри, а денес како да е малку подзаборавен. За првпат се пиел во Турција околу 900.година од нашата ера. Барем, за ова време има пишани податоци, а можеби овој пијалак се произведувал и многу порано.

Она по што бозата се раззликува од обичните „здрави“ напитоци, е тоа што е целосно природен, а има незаменливо корисно дејство врз целиот организам. Изобилува со витамините од Б комплекс, како и витамините А и Е, како и Железо кое фантастично ја подобрува кр-вната слика.

Со оглед на тоа што содржи и квасец, во него се содржат бројни здрави бактерии кои поволно делуваат врз цревата и целиот дигестивен систем. А сите знаеме дека од нашата микрофлора во цревата зависи и нашиот имунитет, односно јачината на нашиот имунолошки систем.

МАНАСТИРСКА БОЗА

Потребни состојки: 200 г пченкарно брашно, 3 литри вода, 1/2 лажичка сув квасец, 100 г шеќер (може да се заслади и со кафеав шеќер или стевија)

Постапка: брашното добро измешајте го со водата за да нема грутчиња, па ставете го тенџерето на оган за да зоврие. Од моментот на зовривање варете ја смесата уште 10 минути со повремено промешување. Потоа тргнете го садот од оган и оставете да се олади на собна температура.

Во ладната смеса (на собна температура) додајте квасец и оставете да отстои 24 часа. По изминатото време процедете ја смесата, засладете ја со шеќер по ваш избор и вкус, па складирајте го напитокот во шишиња и чувајте во фрижидер додека да се испие. / Фотографија и рецепт на Катарина Костиќ.

По желба, во вака приготвената боза може да се додава сок од исцеден лимон или лимонтус, но ова секако е по вкус. Исто така, потребно е бозата добро да се процеди и да биде добро изладена, бидејќи ако останат зрнца од пченката, може да продолжи вриењето иако шишињата сте ги ставиле во фрижидер.

Најдобро е да се чува во стаклени шишиња. Бозата е добра за доилки бидејќи поттикнува лачење на млеко, а како осветилен пијалак можете да го послужувате со топка сладолед и да комбинирате со разни овошни сирупи, па да добиете одличен коктел.

БОЗА – ОРИГИНАЛЕН РЕЦЕПТ, ЕДНОСТАВНА ПОДГОТОВКА – рецепт на Бина од Бинин Сахан

Бозата е чудесен летен напиток од пченкарно брашно. Рецептот е стар преку илјада години, без конзерванси и без вештачки бои. Ладна и освежителна, бозата денес е менито само кај старите слаткарници кои држат до традицијата.

Потребни состојки: 400 г пченкарно брашно, 400 г шеќер, 5 литри вода и еден свеж квасец. За подготвка на свежиот квасец ќе ви биде потребно: 15 г сиров/свеж квасец, 2 супени лажици пченкарно брашно, 1 супена лажица шеќер, 2 супени лажици јогурт и 50 мл вода.

Потребни состојки за боза

Постапка: најпрво пригответе го квасецот. Сите потребни состојки истурете ги во еден сад и во него издробете го свежиот квасец. добро измешајте за да се растворат состојките и да нема грутчиња. Потоа садот завиткајте го со проѕирна фолија и оставете го да отстои 24 часа на собна температура.

Во едно поголемо тенџере или лонец ставете го пченкарното брашно и додајте 3 литри ладна вода. Промешајте добро за да се разбијат сите грутчиња и поклопете со капак. И оваа смеса оставете ја вака поклопена да отстои 24 часа на собна температура.

Следниот ден, односно по изминатиот период од 24 часа, тенџерето со вода и пченкарно брашно ставете ја на оган да зоврие. Варете на умерена температура со постојано мешање околу 20 минути. Потребно е непрекинато да се меша, бидејќи брашното е тешко и паѓа на дното од садот.

Со текот на времето ќе забележите дека смесата ќе започне постепено да згуснува, исто како кога варите гриз. После 20 минути варење, тргнете го тенџерето од оган, поклопете го и оставете го да се лади. Повремено промешувајте за да не фати слој на дното.

После цели два часа ладење, кога смесата е сосем малку млака, додајте му го приготвениот квасец. Добро промешајте за да се инкорпорира квасецот и да се изедначат состојките, па покријте го тенџерето со проѕирна фолија. Вака приготвената смеса оставете ја да отстои уште 24 часа на собна температура.

Со чепкалка за заби направете неколку дупчиња во фолијата за да може сепак смесата да ферментира и квасецот да си „работи“, а гасовите кои ќе се создадат при овој процес, да имаат од каде да излезат. Во текот на следниот ден промешајте ја оваа смеса еднаш до двапати.

По изминатото време, се пристапува кон последниот чекор од приготвувањето на бозата, а тоа е додавање на шеќерот. Постепено додавајте го шеќерот додека мешате со жицата. Потоа додајте го и остатокот од водата (2 литри) и мешајте непрекинато додека шеќерот убаво да се растопи и да се добие изедначена смеса.

Вака приготвената боза е подготвена да се процеди и да се складира во шишиња. Шишињата чувајте ги во фрижидер и пред употреба секогаш протресете ја бозата. Рок на траење е до 5-6 дена ако се чува во фрижидер. Деталите од целата постапка можете да погледнете во видеото ОВДЕ.