Овој рецепт ми го покажа сосетката Боса, па нејзиниот рецепт го применувам веќе со години, користам разно овошје и досега немало промашување.

Потребни состојки:

1 кг овошје (кајсии, праски, дуњи, круши, сливи, вишни)
1 литар вода
½ кесичка лимонтус
4-5 лажици шеќер (може уште 1-2 лажици ако сакате послатко)

Постапка:

Прво пригответе ги теглите. Капаците мора да бидат “здрави”, односно да немаат гребаници, рѓа, деформации и слично.

Измијте ги убаво теглите, наполнете ги со малку вода, затворете ги со капакот па превртете ја теглата наопаку за да проверите дали добро дихтува.

Доколку не истекува вода од теглата, тогаш истата можете да ја користите за приготвување на компот.

Истурете ја таа вода и оставете ги теглите да се исцедат додека вие го приготвувате овошјето.

Овошјето треба да биде здраво и зрело.

Исчистете го убаво од семки, доколку има некои точки исечете ги и отстранете ги.

Кајсиите исечете ги на половинки, праските исто или на поситни парчиња, дуњите на коцки, крушите можете да ги пресечете на четвртинки или како сакате.

Во еден литар вода растворете лимонтус и шеќер, а додколку сакате посладок компот, додадете уште 1-2 лажици шеќер или по вкус. Но вака мислам дека е доволно.

Редете го овошјето во теглите, прелијте ги со растворот и затворете ги.

Повторно теглата превртете ја горе-долу за да проверите дали тече и никако не започнувајте со варењето додека не ја замените теглата ако не е во ред.

На дното од длабок лонец/шерпа ставете некоја крпа, наредете ги теглите и помеѓу нив ставајте крпи за да не се удираат при варењето.

Налијте вода до самиот врв или малку преку теглите ако не се сите со иста висина.

Вклучете ја ринглата и кога ќе започне да врие, варете најмногу пет минути, а потоа исклучете и оставете ги теглите така во водата да отстојат додека водата целосно да излади, најдобро до следниот ден.

Потоа наредете ги си теглите на местото каде си ја чувате зимницата.

Вака приготвениот компот трае цела зима, а може и подолго, зависи од вас и вашите домашни. Јас имам две тегли компот од дуњи од минатата година и не се расипани, како вчера да сум ги правела.

Од 1 кг кајсии мерени со семки, ми излегуваат три помали и една поголема тегла.