Сестрите од манастирот безусловно ги споделуваат своите рецепти за лековити креми и мевлеми. Оние кои не се во состојба сами да си ги приготват, можат истите да ги најдат приготвени од рацете на монахињите во продавничката на Марковиот манастир.

За цело време додека тече подготовката на кремот се изговара Исусовата молитва: Господи Исусе Христе, помилуј нè и со овој лек и Твојата сила помогни им на сите на кои им е потребно. Марковиот манастир е оддалечен од Скопје само 20 километри, а до него се стигнува по солиден асфалтиран пат.

Целиот манастирски комлекс и неговата околина наликуваат на сцена од бајките. Жуборот на Марковата река, која тече веднаш покрај манастирот, впечатиливата порта, изработена од масивно дрво, секогаш средениот двор и манастирот стар седум века прават да почувствувате некоја чудесна хармонија.

Во дворот на манастирот има бунар со студена вода, мини музеј, галерија со икони, мошне впечатлива камбанерија и една стара подземна воденица, која секогаш го привлекува вниманието на посетителите.

Марковиот манастир во минатото бил еден од најзначајните културно просветни и книжевни центри, во кој се наоѓале голем број значајни ракописи, но за жал најголем дел од нив не се сочувани. На 8 ноември е празникот на заштитиникот на манастирот, Свети Димитрија.

Секако тука се и манастирските конаци во кои живее женско монашко сестринство, но многу ретко може да сретнете некоја од монахињите. Тие живеат повлечен монашки живот, посветен на Бог, во молитви.

Честопати можат да се сретнат како ги чистат излетничките места околу манастирскиот комплекс од ѓубре и отпадоци кои ги оставаат несовесните луѓе. Тие се грижат за природата и се обидуваат да сочуваат колку можат повеќе од лековитите билки од кои приготвуваат природни лекови, креми, мевлеми, масла, тинктури и сапуни.

За читателите на НМД тие откриваат еден лековит рецепт за подготовка на крем од невен, кој тие го прават изминативе години и за кој има голема побарувачка. Сите оние кои не се во можност сами да си го подготват, истиот можат да го најдат во продавничката на манастирот.

РЕЦЕПТ: КРЕМ ОД НЕВЕН

Се берат цветовите од невен на пладне, кога сонцето е најсилно, а цветовите најмногу се отворени. Се полни стаклена тегла со сечкани невенови цветови, а потоа се прелива и дополнува со маслиново масло (односот меѓу цвет и масло е приближно 1:1).

Се остава на сонце 40 денови, а потоа се процедува низ двојна газа. Маслото се загрева на пареа (тенџере врз тенџере) и се додава 70 г пчелин восок. Ме меша додека да се растопи восокот. Се тргна на страна малку да подизлади, а потоа се додава витамин Е во течна состојба и една лажица прополис. Се меша и се складира во стаклен сад. Се затвора откако кремот ќе се стврдне. Се чува на темно и ладно место.

За цело време додека тече подготовката на кремот се изговара Исусовата молитва: Господи Исусе Христе, помилуј нè и со овој лек и Твојата сила помогни им на сите на кои им е потребно.

Вака подготвениот лек е спремен за консументите. Овој природен мевлем е многу добар и лековит за: нега на кожата, црвенило на кожа, псоријаза, рак на кожа.

Заедно со другите состојки има длабоко потхранувачко дејство, лекува и идеално ја чисти вашата кожа.

На истиот начин може да се приготви и крем од рузмарин кој пак, помага за ладни раце и нозе, односно, крем кој ја подобрува циркулацијата на телото. Во кремите може да се додаваат и други лековити билки, како: црвен кантарион, ајдучка трева, босилек… на овој начин добивате крем кој поради моќта на билките има широк спектар на делување.