Нутриционистите го препорачуваат особено на зима. Тие велат дека ренот е навистина благотворен антибиотик, освен тоа ја подобрува циркулацијата, учествува во детоксикација на телото и го забрзува метаболизмот.

Ренот е моќен  чувар на човековото здравје, особено во зимските денови. Тој е природен антибиотик, корисен за подобрување на циркулацијата и заштита на срцето како и целиот кардиоваскуларен систем.

Ренот (Cochlearia armoracia) се смета дека води потекло од Западна Азија, а неговиот корен уште од древните времиња е познат на народот. Познавачите на алтернативната медицина велат дека ренот е еден од најмоќните зачини на природата и вистински дар од бога. Додека е млад ренот има пикантен и “топол” вкус, без мирис, но за време на сецкањето ренот е интензивен иритатор на очите, па скоро секогаш предизвикува солзење.

Нутриционистички статус на ренот

Млад и свежо исецкан рен содржи околу 100 мг витамин Ц во 100 грама рен, што го става ренот на високо место на листата на намирници богати со витамин Ц. Ренот содржи високо ниво и на калциум, калиум, магнезиум, фосфор, гликозит, глутамин, глукоза, кисел сулфат, како и етерични масла од каде и потекнува неговата пикантност.

Нутриционистите го препорачуваат особено на зима. Тие велат дека ренот е навистина благотворен антибиотик, освен тоа ја подобрува циркулацијата, учествува во детоксикација на телото и го забрзува метаболизмот. Поради сето ова ренот би требало да ни биде чест избор особено во ладните зимски денови и сезоните на грип и настинки.

Употреба: Ренот се употребува во текот на целата година. Најчесто од него се приготвуваат чаеви, сирупи и разни облоги. Тој е особено корисен кога се работи за дигестивниот систем – само 15-20 капки на сок од рен може значително да го подобрат варењето на храната, на начин што ќе го стимулира лачењето на желудниковите и цревните сокови, помага во репарација на дигестивниот епител и што е најважно помага во обновување на нормалната цревна бактериска флора, што е клучен услов за добро варење на храната.

Луѓето уште од многу одамна го користеле ренот против воспаленија на белите дробови, кивање, за искашлување, гихт и скорбут. Познавачите на алтернативната медицина ренот особено го препорачуваат кај луѓе со бубрежни проблеми и кај дијабетичари.

Тие велат дека тој би требало да биде во топ 5 најкористени намирници особено во зимскиот период, бидејќи неговите придобивки се навистина големи. Интересен е фактот што многу народи низ вековите наназад на ренот му препишуваат и афродизјачки моќи.

Како најлесно да ги искористите здравствените придобивки од ренот – неколку рецепти од народната медицина:

Со рен до здраво срце и крвоток – Потребни состојки: 5 лажички сок од морков, 5 лажички нарендан рен, 3 лимони, околу 200-300 мл мед или колку што е потребно за да се дополни теглата, 1 стаклена тегла

Постапка: Сите состојки промешајте ги заедно, лимоните исцедете ги заедно со другите состојки, смесата ставете ја во тегла и чувајте ја на ладно и суво место. Земајте секој ден по една супена лажица три пати на ден.

Чај од рен за јакнење на белите дробови – Потребни состојки: 10 грама рен и 200 мл зовриена вода

Постапка: Откако ќе го приготвите чајот на ист начин како и секој друг, поделете го во три дози, и истиот пијте го трипати во денот, подгреан на темперетура околу 40 степени.

Со рен до подобра дигестија – Потребни состојки: 1 литар бело вино и 50 г корен од рен

Постапка: Во еден литар бело вино ставете го ренот, затворете го и оставете го на темно место да отстои, потоа секој ден пијте по 100 мл после јадење.

Со рен против настинка – Потребни состојки: 1 поголем корен рен, и 1 лимон – сок

Постапка: Ренот изрендајте го и додадете го лимоновиот сок, затворете во тегличка и ставете го во фрижидер. Земајте по една лажичка повеќе пати во денот од смесата, помеѓу оброци.

Напомена: По земањето на некои од овие рецепти на грлото можеби ќе осетите горење, а на очите солзење. Земањето вода веднаш по смесата не се препорачува.