Шенон Доерти за публиката од нашите простори е најпозната по својата улога во американската серија Беверли Хилс, една од најпопуларните серии на таа деценија.

Иако и пред тоа и после тоа глумеше и во други серии и филмови, сепак својата популарност ја стекна токму како симпатичната тинејџерка Бренда Волш.

Глумицата веќе со години има сериозни здравствени проблеми, а сè започнало уште во 2015 година кога и дијагностицирале рак на дојка.

Напорите на лекарите да ја излекуваат без мастектомија или агресивни третмани не биле успешни, бидејќи ракот се проширил и на лимфните јазли.

Поради тоа глумицата поминала низ бројни третмани и терапии, вклучително и мастектомија, хемотерапија, зрачење и операција.

Во 2018 година беше објавено дека е излекувана, дека ракот се повлекол после агресивните третмани и нејзините наоди биле “чисти”.

Некое време била мирна, но ракот повторно се вратил пред околу една година. Информацијата дека Шенон има канцер во четврта фаза, прво беше чувана во јавност, а за истото глумицата проговори јавно дури на почетокот од оваа година.

Гостувајќи на една од телевизиските програми, Шенон Доерти ги сподели своите емоции и размислувања со поширокиот аудиториум.

Призна дека честопати се прашувала зошто токму нејзе и се јавила оваа тешка болест и дека чувствува огромен страв.

Па сепак, Шенон настојува да остане позитивна и се надева дека уште еднаш ќе успее да ја победи оваа злокобна болест.

Четвртата фаза на карцином подразбира постоење на метастази и ракот веќе не е локализиран на само едно место (во дојката). Целта на лекарите е да ја стабилизираат нејзината состојба колку може повеќе, за да се успори растот на туморот и да се подобри квалитетот на животот. Глумицата се свртела кон здравата исхрана, а на макотрпниот пат и даваат голема поддршка нејзините пријатели и семејството.

Статистиката, за жал, не е на нејзината страна, бидејќи кога станува збор за четврти стадиум од карцином на дојка, многу малку може да се направи за пациентот.

Но, таа не ја губи надежта и можеме слободно да кажеме дека претставува инспирација за многумина во борбата со оваа злокобна болест.

Неодамна таа објави селфи мотивирајќи ги фановите да останат дома во текот на пандемијата со Ковид 19, за да ги заштитат оние со ослабен имунитет (вклучително и пациентите заболени од рак, како што е и таа самата).