РАДИЦА КИТЕВСКА ЗА НМД: Од сите мои рецепти најбаран е оној за германските палачинки – се подготвуваат за 1 минута

Радица Китевска е позната блогерка која на својот Инстаграм профил споделува инспиративни рецепти кои изгледаат прекрасно. Со Радица имавме можност да се запознаеме, и таа прифати својата слатка кулинарска приказна да ја сподели со читателите на НМД.мк.

Фото: Радица Китевска

За неа знаеме дека е убава, млада и вредна жена, која секогаш блеска со позитивна енергија и чија страст е готвењето. Покрај тоа, таа е мајка на прекрасно синче, а улогите во нејзиниот живот ги води лесно, едноставно и со многу љубов. Овој пат, Радица ни откри нешто повеќе за себе, нејзината креативност и тајната како таа „допре” до срцата на многу луѓе.




Радица, од каде доаѓа љубовта кон готвењето и кој ви ги покажа првите чекори на кулинарството? Дали уште како мала полека ја развивавте љубовта кон готвењето или оваа страст се јави подоцна во животот?

„Желбата и љубовта кон храната е од моето најрано детство. Кога сите дечиња дома гледаа Том и Џери јас гледав „24 Kitchen“ хахах, се разбира тука има голем удел и мојата баба, мајка и тетка кои исто така се кралици во кујната, од кога памтам за мене постојано бев качена на столче и бев вклучена во сите нивни подготовки на храна.

Фото: Радица Китевска




Околу почетоците на мојот блог искрено започна сè спонтано, сакам да готвам, сакам да ги споделувам со сите вас моите рецепти, мојата љубов кон храната, на почетокот имав замисла блогот да биде повеќе како „lifestyle“ каде што ќе бидат вклучени рецепти, пијалаци, сите продукти кои ги правам од билки, мотивациски пораки и текстови, меѓутоа тоа не значи дека нема ја зачинам мојата приказна со други слатки нешта.“

Фото: Радица Китевска




Според вашиот Инстаграм профил, radishas_kitchendiaries, можеме да забележиме дека подготвувате солени и благи jaдења. Од каде ги црпите идеите за вашите креативни рецепти?

„Инспирацијата за моите рецепти е најчесто во мојата глава, како што знаете многу често експериментирам во кујна со состојките што ги имам на располагање, па така излегуваат сите чудесии кои досега ги имам направено.

Фото: Радица Китевска

Исто така, дневникот со рецепти од мојата баба е секогаш тука да ми даде инспирација да ја продолжам нејзината традиција со феноменалните рецепти со кои растев. Секогаш се трудам да ги искористам сезонските достапни намирници кои многумина од нас ги имаат во домот, а немаат идеја што да направат со нив.”




– Вашите рецепти се доста популарни, ги користат многу домаќини и домаќинки. Несомнено е тоа така, бидејќи изгледаат навистина вкусно. Но, покрај тоа, важно е дека што и да подготвите, тоа го правите исклучително лесно и за кратко време.

Фото: Радица Китевска

Живееме во време кога брзиот начин на живот преовладува, луѓето немаат време да готват постојано и секојдневно како порано. Која е вашата тајна за брзиот начин на подготовка на овие јадења? Дали имате план, појдовна точка на брзата подготовка или сè доаѓа од вашето искуство?




„Јас како вработена жена, мајка на мало детенце и сопственичка на еден мал бизнис тргнувам од себе и гледам сите оброци да ми се брзи и лесни за подготовка, да вклучуваат намирници достапни да може да си ги дозволи секој и секако да се вкусни, со оглед на тоа тоа што од 18 години готвам сама мислам дека долгогодишното експериментирање во кујна си го направи своето.”

Фото: Радица Китевска

– Дали и вашето синче го привлекува кулинарството како мама? Како постигнувате да ги реализирате сите обврски во денот?

„Среќна сум што Давид е постојано до мама во кујна, сега тој е малата Радица што се поткачуваше на столчето хаха, а во врска со реализирањето на обврските ќе кажам само едно, со добра организација и планирање на обврските сè се може и постигнува. Уште многу одамна водам дневник на планирани цели односно дневен планер и да ви кажам право тоа ми е половина завршена работа.“




Покрај кулинарството, се занимавате и со билкарство. По вашиот Инстаграм профил дознаваме дека имате сопствена градина каде што одгледувате разни билки за подготовка на разни природни лекови. Дали љубовта кон кулинарството е тесно поврзана и со билкарството?

„Љубовта кон билките е исто од најрана возраст, целото мое детство го поминав на Kожуф планина во куќичката на моите баба и дедо, тука баба ми имаше органска градина, тука ја лекуваше малата Радица за секоја нејзина гребнатинка, р ана или што и да е, и секогаш ми велеше:

Фото: Радица Китевска




„Природата го има лекот за сите болести“, среќа што таа водеше нејзина книга во која ги пишуваше и објаснуваше сите употреби на различните билки, сите тие мевлеми и креми ми се наследство од неа, сега таа книга е кај мене, НАЈСКАПОЦЕНОТО нешто останато од неа.“

Фото: Радица Китевска




Луѓето сè повеќе се потпираат кон природно лекувањe покрај можностите кои ги нуди конвенционалната медицина. Природните билки и препарати нудат многу практични совети и намени во лекувањето на разни тегоби и болести. Кој природен лек би го препорачале за превенција од болести и кој е вашиот омилен лек? 

Реално секоја билка си има своја намена, мевлемите и кремите се за надворешна употреба, додека сирупчињата и тинктурите за opална употреба. Aко веќе треба да издвојам нека бидат тинктурите кои оваа година ги имам од глуварче и коприва.

Фото: Радица Китевска




За другата година здравје ќе одам со повеќе видови на тинктури односно од различни билки. Среќна сум што има огромна побарувачка за нив и прекрасни коментари и искуства од луѓе што веќе одреден период ги консумираат. Инаку тинктурата е ал-кохол, најчесто ракија во која билката стои 40 дена, тука е и лековитоста, чиста непреработена концентрација на билката.“

Фото: Радица Китевска

Како за крај, кое ваше јадење е најпребарувано помеѓу читателите? Како изгледа подготовката и кој е рецептот за ова вкусно јадење?




„Уфф мислам дека го имаме хитот во најсподелуван рецепт, а тоа е рецептот за германските палачинки кој направи „бум“ на Инстаграм, прелесен за подготовка. За да ги подготвите ќе ви биде потребно: 1 чаша млеко (од 200 мл), 4 јајца, 1,1-2 чаши брашно, 1 лажичка екстракт од ванила или ванилин шеќер, 50 г растопен путер, 1 лажичка колаген (желатин).

Постапка: Ги ставате сите состојки во блендер и со добиената смеса ги полните калапите за мафини, претходно подмачкани со путер. Од смесата ставате по 3 лажици во секое калапче и печете на 200 степени, 10-15 минути.

На крај, палачинките си ги филувате со што сакате. Ова е рецепт вреден за секое залче. Повеќе детали за подготовката на овие вкусни палачинки и соодносот на состојките, може да погледнете ОВДЕ. Разговорот го водеше Мартина Христовска.

Фото: Радица Китевска
Фото: Радица Китевска
Претходна статијаТолку сочен што се топи во уста: Гриз колач со јаболка кој ќе ве воодушеви (мерки на чаша)
Следна статијаЗа да немате бели влакна, а притоа да ослабете до 5 килограми: потребна ви е само 1 состојка која ќе ве спаси од овие проблеми