Овие слатки полжавчиња ќе ве потсетат на детството, толку многу делуваат смирувачки!

Потребни состојки:

500 г брашно
1 коцка свеж квасец
75 г шеќер
малку сол
200 мл топло млеко +-

За фил:

1 пудинг од ванила
3 лажици шеќер
500 мл млеко
1 рака суво грозје

За премачкување:

100 мл вода
2 ванилин шеќер

Постапка:

Сварете го пудингот со шеќерот според упатството на кесичката и оставете го да излади со повремено промешување (за да не фати коричка).

Додека пудингот се лади вие замесете го тестото.

Квасецот натопете го со шеќер и топло млеко. Кога квасецот ќе се активира, додавајте малку по малку од брашното, прстофат сол, па замесете тесто и оставете го на топло да стасува.

Кога тестото ќе го удвои својот волумен, поделете го на два дела. Секој дел тенко развлечете го и премачкајте го со филот.

Јас пудингот го поделив на половина, па во едниот дел ставив суво грозје.

Значи, тестото премачкајте го со пудингот и што поцврсто свиткајте го во ролат. Сечете дебели парчиња околу 1,5 см. Редете ги на плех обложен со хартија за печење. Оставете ги малку да стасаат за да го зголемат волуменот, па печете ги во загреана рерна на 180 степени, додека убаво да заруменат.

За прелив: помешајте вода и ванилин шеќер, па додека се’ уште се врели прелијте ги со шеќерната вода.